Домашната академска и бизнис заедница задоволна од мерките од „Планот за економски раст“ – Анѓушев: Транспарентноста, еднаквиот третман и зголемување на соработката помеѓу странските и домашните компании се наш приоритет

20 септември, 2017 година

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев на  втората јавна трибина, пред претставници на академската и бизнис заедницата, како и пред претставници од невладини организации,  ги промовираше предлог мерките од „Планот за економски раст“,.

„Со планот ќе се поддржуваат успешни компании, односно оние кои имаат потенцијал дополнително да се развиваат. Со успешни компании, ќе имаме и успешна економија. Главни критериуми кои компаниите треба да ги исполнат за да бидат корисници на било која од мерките е да покажат просечен раст на приходите во последните три години и во истиот период да не го намалиле бројот на вработени“, истакна вицепремиерот Анѓушев.

Подобро платени нови работни места, повисок извоз и поголема соработка помеѓу домашните и странските компании се само некои од ефектите кои се очекуваат со имплементација на „Планот за економски раст“. Целиот процес ќе биде транспарентен и ќе биде исклучено дискреционо одлучување за користење на мерките, а сите компании ќе имаат ист третман и јасни критериуми.

„Доколку некоја компанија исплаќа нето плата повисока за 50% од минимално дефинираната плата со закон, државата ќе ја субвенционира компанијата со 10% од висината на нето платата, а за секои дополнителни 10% повисока плата, субвенцијата ќе се зголеми за 2%. Доколку пак компаниите исплаќаат двојно повисока плата од просечната нето плата во земјата, субвенцијата ќе изнесува 20% од платата. Ова се однесува за вработувања во нови инвестиции, но и за нови вработувања во веќе постоечките компании, без разлика дали се домашни или странски. На овој начин очекуваме да ја отвориме спиралата за раст на плати, со што ќе обезбедиме подобар животен стандард и ќе ги задржиме младите луѓе во нашата земја“, дополни вицепремиерот.

За време на трибината претставници на академската и бизнис заедницата позитивно ги оценија мерките за економски раст, а притоа дадоа и свои видувања како мерките би биле уште поефективни за македонското стопанство.

АКТУЕЛНОСТИ: