Оддржана конститутивна седница на Советот за рамномерен регионален развој – Новиот состав започнува со работа

27 декември, 2017 година

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, претседаваше со конститутивната седница на Советот за рамномерен регионален развој, меѓуресорско тело кое е едно од носителите на политиката за поттикнување за рамномерен регионален развој.

На денешната седница се утврди и конституираше составот на Советот во кој освен вицепремиерот Анѓушев, од Владата членуваат министерот за локална самопурава Сухејл Фазлиу, министерот за финансии д-р Драган Тевдовски, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за транспорт и врски м-р Горан Сугаревски, министерот за економија м-р Крешник Бектеши, министерот за култура м-р Роберт Алаѓозовски, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Исто така членови на Советот согласно Законот за рамномерен регионален развој се и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов, претседателката на Пелагонискиот регион и градоначалничка на Битола Наташа Петровска, претседател на Вардарскиот плански регион и градоначалник на Велес Аце Коцевски, претседател на Североисточниот плански регион и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, претседател на Југозападен плански регион и градоначалник на Струга Рамиз Мерко, претседателот на Скопски плански регион и градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски, претседател на Југоисточен плански регион и градоначалник на Струмица Коста Јаневски и претседателот на источен плански регион и градоначалник на Кочани- г-дин Николчо Илиев.

Вицепремиеорот Анѓушев и министерот Фазлиу истакнаа дека Владата ќе посвети особено внимание за поттикнување на рамномерниот регионален развој и дека ќе се работи на развојот на сите осум плански региони, на подрачјата со специфични развојни потреби како и за развој на селата, за да граѓаните добијат подобри услови за живот каде и да живеат. Констатирано беше дека ќе се изработи нова Стратегија за рамномерен регионален развој, со цел да се изнајдат решенија за недоследностите кои се идентификувани со претходната стратегија.

На седницата е разгледан и годишниот извештај за спроведување на Акциониот план за спроведување на Стратегијата за регионален развој на Република Македонија за 2016 година.