Обраќање на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на Светосавска академија

27 јануари, 2018 година

Ми претставува чест и задоволство во име на Владата на Република Македонија и во мое лично име што имам можност да Ве поздравам на единаесеттата по ред свечена Светосавска академија, која се одржува по повод Националниот ден на Србите во Македонија – Свети Сава.

На овој ден се одбележува смртта на една од најзначајните личности во историјата на српскиот народ, но знам дека овој празник носи многу радост затоа што се присетуваме на зборовите, но пред се делата на голем човек, дипломат, духовен лидер, просветител, писател и добротвор, Свети Сава.

Чевствувањето на овој значаен ден е придонес во промовирањето на мултикултурализмот и меѓусебното разбирање на етничките заедници во Република Македонија.

Почитувани присутни,

Српскиот и македонскиот народ имаат заедничко минато, сегашност, а јас цврсто верувам и заедничка поубава иднина.

Владата на Република Македонија, јасно и недвосмислено во повеќе наврати посочи, но и секојдневно покажува дека ќе работи на создавање на цврсти пријателства со сите свои соседи, ќе гради нови мостови на соработка и разбирање со сите соседни земји, вклучително  и со Република Србија. Тоа е во духот на создавање на еден поуспешен и економски развиен регион, како и за побрза интеграција на Земјите од Западен Балкан во семејството на Европската Унија, каде и географски припаѓаме.

Задача на нашите Влади е да создадеме подобро и поубаво место за живеење на нашите граѓани, притоа почитувајќи го нивниот етнос и култура. Да ги зацврстуваме нашите релации и да наоѓаме решенија за нашите разлики.

Дами и господа,

Земјите од регионот на Западен Балкан се соочуваат со слични проблеми  во економскиот развој и токму затоа треба заеднички да работиме на нивно надминување.

Во средбите кои ги имам остварено со своите колеги од Република Србија се согласивме дека треба да ја интензивираме нашата соработка и дека просторот за тоа е навистина голем. Впрочем, со кого би имале најсилни односи ако не со своите соседи.

Од страна на македонската Влада упативме ветување и ќе го оствариме ветеното кога станува збор за подобрување на патната инфраструктура и поврзувањето на нашите соседни земји, со што ќе го подигнеме нивото на економска соработка.  Да работиме на развој на условите за водење на бизнис за компаниите, да ги поедноставиме граничните и царинските процедури, да правиме чекори кои ќе не приближуваат, а не одалечуваат. 

Подобрата соработка помеѓу земјите ќе се рефлектира и на подобар живот на нашите граѓани. Работејќи посветено, ќе придонесеме младите да останат, тука, во своите родни краишта, ќе поддржиме креирање на нови работни места и повисоки плати, ќе станеме регион атрактивен за нови инвестиции, а со тоа ќе им овозможиме на сегашните и идни поколенија подобри услови за живот и повисок животен стандард. 

Владата на Република Македонија се грижи за сите граѓани, сите тие се чеда на оваа земја. Ќе работиме на унапредување на правата на малцинските заедници и остварување на оние права кои со уставот и со законите се загарантирани. Нашата цел е обединување на сите сили за остварување на подобри резултати. Само заедно, сплотени, може да постигнеме повеќе.

Почитувани присутни,

Со желби за добро здравје, успех, радост и благосостојба ВИ го честитам денешниот празник.

За многу години слава Свети Сава.

АКТУЕЛНОСТИ: