Доделени 3 милиони евра за 25 проекти - Грантови за поддршка на конкурентноста и зголемено учество на граѓанскиот сектор за ЕУ реформите

06 февруари, 2018 година

Денес во ЕУ инфо центарот, се одржа промоција на договорите за грант од ИПА 2013 – грантовата шема за проекти „Зголемување на конкурентноста во Република Македонија“ и грантовата шема „Зголемено учество на граѓанскиот сектор во реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ“. Во рамки на оваа активност потпишани се 25 договори за реализација на проекти со невладини организации, а вкупната вредност на неповратните средства за грантовите шеми изнесува над 3 милиони евра.

Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев истакна дека Владата е отворена за соработка со граѓанскиот сектор во насока на креирање на политики, кои се применливи во општеството и кои ќе донесат резултати за македонската економија.

“Сметам дека учеството на граѓанскиот сектор во креирање на Владините политики, како за конкурентноста на македонската економија, така и за реформите повразани со интеграцијата во ЕУ, е особено важно. Владата ќе работи на креирање на синергија со сите чинители на општествениот живот, а невладините организации треба да бидат помагател и коректор на Владините политики. Заедно со невладините организации ќе работиме да креираме конвергентен процес, за постигнување на максимални резултати во интерес на граѓаните на Република Македонија“, истакна вицепремиерот Анѓушев.

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски се заблагодари на поддршката од Европската Унија и истакна дека Владата работи на спроведување на неопходните реформи за успешна интеграција на Република Македонија во ЕУ.

„Со планот 3-6-9  Владата се обврза дека ќе изгради стратегија со која ќе се зголеми соработката на граѓанскиот сектор во креирањето на Владините политики. Со реализација на проектите за кои се доделени грантови значително ќе се придонесе за поефикасна реформа во јавната администрација, како и за реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ“, нагласи Рашковски.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини истакна дека Владините институции вложија голем напор со цел да се обезбедат овие грантови, да се запазат сите предвидени рокови и дека е направен чекор напред, со оглед на тоа дека во претходните години средствата наменети за вакви проекти останувале неискористени.

„Делегацијата на Европската Унија минатата година година имаше наменето 122 милиони евра за поддршка на Република Македонија, од кои се искористени 70 милиони евра, а ќе продолжиме да работиме со централните и локалните власти, за да и помогнеме на Република Македонија во пристапувањето кон Европската Унија“, истакна Бертолини.

Десетте проекти кои се поврзани со конкурентноста на македонската економија ќе се реализираат во наредните 24 месеци, додека преостанатите петнаесет проекти за зголемување на учеството на граѓанскиот сектор во реформите повразни со интеграцијата во ЕУ ќе се спроведуваат во период од 18 месеци. Од вкупните средства 1,38 милиони евра се наменети за поттикнување на конкурентноста, а 1,63 милиони за ЕУ реформите.

Видео од обраќањата на вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, генералниот секретар на Владата д-р Драги Рашковски и раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на Евроспката Унија, Никола Бертолини:

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: