Вицепремиерот Анѓушев на собраниска комисија за економија – законот за финансиска поддршка на инвестиции ќе ја подобри конкурентноста на македонските компании

04 април, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се обрати на седницата на комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на која одговараше на прашања од пратениците за  потребата од донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Тој посочи дека текстот на овој Закон e креиран во координација и преку дискусија со сите чинители на економскиот живот во Република Македонија и ги отсликува реалните потреби на македонското стопанство.

„Законот претставува замена на нетранспарентната шема на државна помош со која во претходните години беа поддржани само 23 компании, а притоа се потрошени над 225 милиони евра, од буџетот на државата. Креиран е транспарентен механизам со кој се овозможува поддршка на многу поголем број на компании и пораст на економијата“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.

Анѓушев додаде дека со овој Закон се дава правна сигурност на инвеститорите, која покрај стабилната политичка состојба се основи за реализација на секоја инвестиција.

„Законот им овозоможува сигурностна инвеститорите на подолг рок, знаеме дека инвестициите не се реализираат преку ноќ, треба подолго време да се реализира еден сериозен инвестициски проект“, нагласи вицепремиерот.

Со Законот за финансиска поддршка на инвестиции се планира да се поддржат успешни компании, кои покажале просечен раст на приходот и ненемалување на просечниот број на вработени во истиот период, во споредба со годината за која побаруваат државна помош. Сето ова компаниите може да го прикажат со доставување на завршните сметки за наведените години.

„Основна цел на овој Закон е да се поттикнат нови инвестиции на компаниите, технолошки да се развиваат и да ја зголемат конкурентноста, да бидат конкурентни со фирмите од целиот свет. Технолошко поразвиени компании се поконкурентни компании, што значи поголем извоз на македонски продукти и побрз економски раст. Македонската Влада дополнително, преку реализација на капитални инфраструктурни проекти, ќе ја зголемува конкурентноста на македонската економија и ќе им овозможува на компаниите подобри услови за водење на бизнис “, потенцираше Вицепремиерот.

Видео од обраќањето на вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на седница на собраниската комисија за економски прашања:

АКТУЕЛНОСТИ: