Средба Анѓушев - Љајиќ : Надминување на заедничките предизвици во интрес на економската соработка на компаниите

12 април, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања,  д-р Кочо Анѓушев  кој денеска е во официјална посета на Белград,  Р.Србија,  одржа состанок со потпретседателот и министер за трговија, туризам и телекомуникации, д-р Расим Љајиќ на која е  усогласено решение за поединечните  отворени прашања во трговската размена помеѓу двете земји.

Вицепремиерите се договорија дека Владите ќе направат напори до 30 јуни оваа година да бидат потпишани и ратификувани Меморандум за соработка во областа на безбедност на храна и ветеринарнство и Меморандум за фитосанитарна соработка, со кои меѓусебно ќе бидат признаени сертификатите на двете земји.

На тој начин, практично ќе престане потребата за двојно земање на примероци и анализа на прехранбените производи, што во голема мера ќе ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат стопанствениците од двете земји.

Анѓушев и Љајиќ се согласија дека до тогаш, двете влади ќе ги превземат сите неопходни мерки се со цел олеснување на трговијата и отстранување на вонцаринските бариери  при  трговијата на  двете земји.


Српските гранични служби се обврзуваат да ги отстранат бариерите во трговијата на ориз, сувомеснати млечни производи од Македонија во Србија, што беше и главното барање на македонските компании кои извезуваат во Србија.

Во исто време од македонска страна е договорено на сила да се врати стариот правилник за контролните маркици за брашно, кој важеше до 7 февруари оваа година – со што практично ќе биде отстранети бариерите за извоз на брашно од Србија во Македонија.


На состанокот е договорено да биде формирана мешовита работна група, во која ќе членуваат претставници од Кабинетите на вицепремиерите и од Стопанските комори, а која секојдневно ќе биде во комуникација за решавање на сите идни отворени прашања во трговијата помегу двете земји.