Вицепремиерот Анѓушев: Преку мерките од Планот за економски раст до повисока соработка помеѓу домашните и странски компании

20 април, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се обрати на „Конференцијата за зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори - Можности и предизвици“, во организацијата на Стопанската комора на Македонија, Советот на странски инвеститори и Машинскиот факултет од Скопје.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека соработката помеѓу странските компании кои работат во технолошко индустриските развојни зони и домашните добавувачи е на многу ниско ниво, најголемиот дел од страските компании од вкупните трошоци издвојуваат само 1 % за набавки на стоки и услуги од македонски добавувачи. Тоа, според анализите се должи пред се на фактот дека најголемиот дел од овие компании се во средината во ланецот на производството и нивните продукти се наменети за големи, мултинационални компании, па одлуките за локални добавувачи не можат да ги носат  брзо и самостојно и мора да го консултираат крајниот корисник. Воедно се поставува и прашање колку македонските компании се подготвени да прават промени во својата организациска структура и технолошки да ги развиваат производните процеси за да ги задоволат стандардите и барањата на странските компании.

„Преку мерките од Планот за економски раст, Владата ќе ја стимулира соработката помеѓу домашните и странските компании. Странските компании ќе добиваат поврат од 1% од вкупните средства за направени набавки, доколку 15% од набавките се направени од домашни производители. Од друга страна ги стимулираме домашните компании да инвестираат во технолошки развој и орагнизациски да напредуваат со цел да развиваат производи кои би биле конкурентни по количина, цена и квалитет и на тој начин би ја зголемиле соработката со странските. Владата ќе обезбеди поврат од 10% од направената инвестиција, а доколку со истата се овозможи и зголемена конкурентност на пазарите во странство, поддршката од страна на Владата ќе се искачи на 20% од вредноста на направената инвестиција“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој ги повика компаниите да ја препознаат можноста за инвестиции, бидејќи мерките кои ги усвои Владата за прв пат даваат волку силна поддршка на домашните компании да се развиваат.

„Нема рецепти, тајни формули или волшебно стапче со кои ќе се покачи соработката помеѓу домашните и странските компании. Единствено што треба да правите е да работите: да реализирате нови инвестиции со кои ќе ги развиете технолошките процеси, да ја унапредувате и моделирате организациската поставеност и да работите на обука и едукација на кадар за Вашите потреби, за што ќе добивате поддршка од Владата“, додаде вицепремиерот.

Привлекување на странски компании кои произведуваат финални продукти, ќе биде во фокусот на Владата во наредниот период, бидејќи на тој начин може да се очекува побрзо време на носење на одлуки и интензивирање на соработката помеѓу тие компании и домашното стопанство.

Видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев на конференцијата:

АКТУЕЛНОСТИ: