Вицепремиерот Анѓушев: Владата преку премиум моделот овозможува производство на нови 200 мегавати енергија од сонце

24 април, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев учествуваше на трибина за промоција на „Програмата за финансирање на зелената економија (GEFF) во Македонија“, која ќе се имплементира преку Европската Банка за обнова и развој, со поддршка на Европската Унија, Федералното министерство за финансии на Австрија и Инвестициската рамка за Западен Балкан, а во соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека станува збор за навистина корисна програма и дека Владата ќе покаже висок степен на одговорност во имплементација на проектот и кон македонските граѓани, но исто така и кон граѓаните на државите, донатори во овој проект.

„Секое едно евро инвестирано во енергетскат ефикасност заштедува 2,2 евра во производството на електричната енергија и тоа е економската логика од имплементација на енергетската ефикасност. Ако во минатото растот на економијата се гледаше преку растот на потрошувачка на енергија, денес веќе не е е така. Сега, развојот на економијата се мери на тој начин што се гледа да се зголеми растот на бруто домашниот производ со намалување на потрошувачка на енергија. Ние како земја целиме да ја намалиме потрошувачката на енергија за 14,3% во наредниот период и тоа ќе го достигнеме ако реализираме проекти за подигнување на енергетската ефикасност и подигнување на нивото на енергија од обновливи извори“, истакна вицепремиерот.

Енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија се во фокусот и на високо развиените европски и светски економии, па во согласност со тоа, Македонија нема друга алтернатива освен да биде во тек со актуелните трендови во енергетиката.

„Се повеќе се дискутира за процесот на енергетска транзиција, кој подразбира преминување од конвенционално производство на електрична енергија на производство од обновливи извори. Ако Сојузна Република Германија како водечка европска економија е загрижена и посветена на овој процес и сака да биде во тек со современите трендови, Република Македонија не смее да биде релаксирана и мора со забрзан чекор да се приклучи на трендовите во енергетиката“, посочи Анѓушев.

Вицепремиерот истакна дека Владата на Република Македонија е посветена на пораст на производството на електрична енергија од обновливи извори, со цел зголемување на домашното производство од домашни достапните ресурси.

„Цените за изградба на фотоволтаични централи се намалуваат, пред 4-5 години за изградба на една централа која произведува 1 мегават бе потребни околу 2 милиони евра, денес истата опрема се набавува за околу 560 илјади евра. На тој начин обновливите извори на енергија стануват комерцијални. Токму затоа Владата ќе се посвети на зголемување на производство од обновливи извори на енергија и на зелена економија. Ќе се надгради ветерната електрана и ќе се изгради нова ветерна електрана во паркот во Богданци со што ќе се добијат дополнителни 27 мегавати енергија. На површина од 20 хектари над затворениот рудник Осломеј имаме идеја да се постават фотоволтаици кои ќе произведуваат 10 мегавати струја, а преку моделот на премиум тарифи, на земјиште од 5-та и 6-та категорија ќе го зголемиме производството на електрична енергија од фотоволтаични централи за дополнителни 200 мегавати“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Преку Програмата за поддршка на зелената економија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) почнува со финансирање на домаќинствата да ги намалат емисиите на гасови и да го подобрат својот животен стандард.

Станува збор за кредитната линија вредна четири милиони евра што ќе се пласира преку Охридска банка Сосиете женерал и Шпаркасе банка Македонија, а дополнителни четири милиони евра е планирано да се реализираат преку други локални банки.

Видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев:

АКТУЕЛНОСТИ: