Вицепремиерот Анѓушев на пленарна собраниска седница: Законот за енергетика е европски и е во интерес на Македонските граѓани

3 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, се обрати на пленарната седница на Собранието на Република Македонија, на која се разгледуваше Предлог Законот за енергетика.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека станува збор за реформски Закон со кој македонското законодавство се усогласува со европските регулативи и директиви. Донесувањето на овој Закон, којшто требаше да биде донесен уште во 2014 година, ќе овозможи стопирање на споровите коишто Енергетската заедница ги покрена кон Република Македонија, ќе се поттикнат реформите во енергетскиот сектор, а македонските граѓани добиваат право на избор на снабдувач со енергенски.   

„Предлог Законот за енергетика е усогласен со Секратаријатот на Енергетската заедница и е дебатиран со сите чинители во енергетското живеење. Со овој Закон позитивно се влијае на економијата, заштитата на животната средина и други аспекти од општественото живеење, а воедно се овозможува и поттикнува зголемувањето на производство на енергија од обновливи извори“, посочи вицепремиерот.

Анѓушев истакна дека компаниите веќе ги почуствувале бенефитите од либерализација на енергетскиот пазар и од можноста самостојно да изберат снабдувач со енергенси. Со новиот Закон, можност за избор добиваат и македонските граѓани. За да не се наруши енергетскиот пазар, а истовремено цената на електричната енергија да не поскапи, во законот е превидено да се избере универзален снабдувач, во транспарентна и јавна постапка, кој би ги снабдувал граѓаните кои нема да изберат снабдувач по свој избор.

„Изборот на универзален снабдувач е механизам со кој ќе се заштити цената на електричната енергија за граѓаните. Во согласност со преодните и завршни одредби на Законот, ЕЛЕМ е должен да му понуди на универзалниот снабдувач и тоа почнувајќи од јануари 2019 година, најмалку 80%, од потребите на снабдувачот, со фазно намалување до 2025 година кога тој процент ќе изнесува најмалку 30%. Со оваа одредба се овозможува и да не се влијае на цената на електричната енергија на крајните потрошувачи, на граѓаните. Со домаќинско работење ќе обезбедиме цената на електричната енергија за граѓаните да не се зголемува“, нагласи Анѓушев.

Анѓушев истакна дека со Законот се предвидува и раздвојувањето на надлежностите на органите на државната управа врз енергетските компании, зголемувањето на учеството на електрична енергија од обновливи извори, зголемување на независноста и професионалноста на Регулаторната комисија на енергетика, што е во согласност со европските директиви и регулативи.

 

АКТУЕЛНОСТИ: