Вицепремиерот Анѓушев на јавна расправа за законот за енергетика: Овој закон обезбедува конкурентност на пазарот и е за доброто на сите граѓани

04 мај, 2018 година

На денешната јавна расправа за Предлог Законот за енергетика, која се организираше во Собранието на Република Македонија, Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, порача дека овој закон се носи за доброто на граѓаните и дека обезбедува конкурентност во енергетскиот сектор, што значи поквалитетни услуги за сите.

„Ако треба Законот да го објасниме со еден збор тоа ќе биде дека овој Закон обезбедува конкурентност, а кога постои конкурентност има и бенефит за крајните корисници, бидејќи со зголемена конкуренција се подобрува квалитетот на услугите и се намалуваат цените. Сакам само да ве потсетам на два примера што значи конкурентноста – во телекомуникациите и на пазарот на електрична енергија. Со воведувањето конкуренција се зголеми квалитетот на услугите, цените драстично паднаа, односно економските субјекти кои ги нудат услугите во борбата за пазарот, секојдневно го подобруваат квалитетот на услугите и се борат за дел од пазарот“, додаде вицепремиерот Анѓушев.

Механизмот на изборот на универзален снабдувач, кој ќе биде избран во јавна постапка, обезбедува заштита на граѓаните, како крајни потрошувачи на енергенсите.

„Мораме да се заштитиме од можноста цените неконтролирано да растат. Тоа во овој закон е направено квалитетно, во делот на електричната енергија, кадешто е воведен универзалниот снабдувач кој ќе биде избран на јавен повик, со дефинирани критериуми “, дополни Анѓушев.

Преку спроведување на законот се овозможува поддршка за обновливите извори на енергија. Република Македонија има недостаток од капацитети кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори. Со овој Закон, преку воведување на премиум тарифите се дава можност за отворање нови локации за изградба на фотоволтаични централи, при што државата ќе објави тендери за премиуми, а инвеститорите ќе имаат можност произведената струја да ја продаваат на слободен пазар.

Вицепремиерот истакна дека го поддржува концептот на изградба на мали хидроелектрани и посочи дека Владата ќе продолжи да го имплементира овој концепт и во иднина, пришто додаде дека малите хидроцентрали се географски лимитирани, колку што има планини и реки во државата.

Тој додаде дека Владата ќе го реализира проектот за изградба на нови ветерните електрани, додека се постигне моќност од 150 мегавати, што е во согласност со студијата за одржливост во рамките на енергетскиот систем на Македонија.

English
АКТУЕЛНОСТИ: