Oдржана дваесеттата седница на советот за рамномерен регионален развој –распределени 280 милиони денари за реализација на 104 проекти

09 мај, 2018 година

На денешната седница на Советот за рамномерен регионален развој, со која претседаваше Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, распределени се 280 милиони денари од Програмата за рамномерен регионален развој, наменети за реализација на 104 проекти со кои ќе се влијае на развојот на осумте региони на територијата на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека во буџетот за 2018 година, за Програмата за рамномерен регионален развој, детеринирани се досега рекорден износ на средства, односно 57% поголем износ во однос на буџетот за 2017 година, со што се покажува силната намера на владата да се инвестира во рамномерниот развој и да се поддржат помалку развиените региони во земјата.

 „За реализација на проекти за развој на осумте плански региони издвоени се 70% од вкупните средства од Програмата или 195,5 милиони денари, со кои ќе се поддржат 27 проекти. Дополнително, за проекти за специфични подрачја  наменивме 20% од средствата или 56 милиони денари со кои ќе се поддржат 45 проекти, а за проекти за развој на селата, 10% или 28 милиони денари со кои ќе се реализират 32 проекти. Особено се важни средствата кои ги наменивме за развој на специфичните подрачја и развој на селата, за изработка на техничка документација за проекти со кои би аплицирале и на други места за да изнајдат средства за реализација“, посочи вицепремиерот.

Анѓушев потенцираше дека реализацијата на Програмата за рамномерен регионален развој не е единствен сегмент преку кој Владата работи на изедначување на условите за живот на македонските граѓани во пооделните региони.

„Целта на оваа Влада е граѓаните на Македонија, каде и да живеат да имаат исти или приближни услови за живот, а не да се создаваат само неколку големи центри. Затоа, во соработка со министерството за локална самоуправа и амбасадата на Швајцарија, подготвуваме софтвер преку кој ќе се мапираат вкупните инвестиции во пооделните региони. Интенцијата е капиталните инвестиции, предвидени во буџетот на Република Македонија, над 400 милиони евра, исто така да бидат распределени рамномерно, со тенденција да се насочуваат повисоки средства во понеразвиените региони, а исто така да се искористат средствата од ИПА програмата, за регионален економски развој, за која во тек е програмирање на средствата“, нагласи Анѓушев.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу посочи дека годинава од Центрите за развој на планските региони и од општините беа доставени апликации за финансирање на вкупно 137 проекти. Согласно Законот, оценувањето и рангирањето на проектите е направено од Комисијата за оценување на проектите во чиј состав се претставници од Министерството за локална самоуправа, од Бирото за регионален развој и од Министерството за финансии.

„Најголемиот број на проекти се инфраструктурни, она што во моментов им е најпотребно на граѓаните, како и подготовка на техничка документација за да можат планските региони да аплицираат за поголеми средства преку донаторски програми или преку ИПА инструментот на Европската Унија. Со зголемувањето на средствата за рамномерен регионален развој за 100 милиони денари во Буџетот за 2018 година, или конкретно за над 50 насто во однос на минатата година, Владата покажа силна политичка воља за посилна  поддршка и стимулирање на локалниот и на рамномерниот регионален развој. Тенденција е секоја година обемот на средства да се зголемува, а преку воспоставување на систем на коорданица и следење на алокацијата на средствата од различните секторски политики, да се влијае на нивната правилна распределба, според степенот на развиеност и реалните потреби на граѓаните“,  нагласи министерот Фазлиу.

На седницата на Советот за рамномерен регионален развој учествуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, министерот за змјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за култура Роберт Алоѓозоски, претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов, како и градоначалниците на општините, претседатели на осумте плански региони во Република Македонија.

АКТУЕЛНОСТИ: