Вицепремиерот Анѓушев од самитот ЕУ-Западен Балкан – преку регионална соработка на земјите од Западен Балкан побрзо до Европската унија

18 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, учествуваше на „Стратешкиот дијалог за Западен Балкан“, настан во организација на Светскиот економски форум (World Economic Forum WEF) и на „Виенскиот економски форум“ (Vienna Economic Forum), настани во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан кој се организира во Софија.

Вицепремиерот Анѓушев подвлече дека за економски раст и развој на Република Македонија покрај имплементирање на економски мерки, од особено значење е да се обезбеди политичка стабилност и владеење на правото и во таа насока Владата спроведува низа на реформи во сите сектори.

Тој потенцираше дека за побрза европска интеграција од особено значење е земјите од регионот на Западен Балкан да работат на унапредување на меѓусебната и на регионалната соработка.

„Република Македонија, како мала земја, треба да ја зголемува соработката со земјите од регионот и преку зголемена регионална соработка да се забрзаат европските интеграции. Зголемувањето на регионалната соработка е нешто кон кое сите Влади во регионот треба да бидат посветени. Тоа подразбира активности во надминување на административните бариери кои сега постојат, но и реализација на капитални инфраструктруни проекти за наше меѓусебно поврзување“, нагласи вицепремиерот Анѓушев

Тој посочи дека Владата ќе биде посветена на реализација на проекти со кои ќе се придонесе кон подобра регионална соработка, а особен фокус ќе биде ставен на реализација на патна и железничка инфраструктура на пан европскиот коридор осум.

„Добивме позитивни сигнали од меѓународните финансиски институции за поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти. Владата на Република Македонија е посветена на транспарентно и корисно насочување на финансиските средства од меѓународните институции, како и на средствата од даночните обврзници.  Тие средства ќе бидат наменети на вистински начин, за изградба на патишта, железница, како и за изградба на гасоводна мрежа и конектирање со Транс Јадранскиот гасовод (TAP) и терминалите за природен гас во соседна Грција, за да обезбедиме конкурентност и во снабдувањето со природен гас. Работиме и на зацврстување на инфраструктурата во електро-енергетскиот пренос и во таа насока се инвестира во изградба на 400 кило волтен далекувод кој ќе ги поврзе Република Македонија и Република Албанија“,  посочи Анѓушев.

Денес се потпиша и Меморандумот за разбирање за спојување на ден-однапред пазарите со електрична енергија помеѓу министрите за економија на Република Македонија м-р Крешник Бектеши и министерката за енергетика на Република Бугарија Теменушка Петкова.

Активностите во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан, завршуваат денес,  а со овој самит се одбележува завршетокот на претседавањето на Република Бугарија со ЕУ.

Видео од изјава на ЗПВРМ Анѓушев:

Видео од изјава на министерот за економија Бектеши:

 

АКТУЕЛНОСТИ: