Вицепремиерот Анѓушев на пленарна собраниска седница: Законот за енергетика обезбедува заштита на граѓаните

21 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, денес се обрати на пленарната седница на Собранието на Република Македонија, на која беше усвоен Законот за енергетика во второ читање.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Република Македонија е посветена на интеграцијата во Европската Унија и дел од тој пат е донесување на закони усогласени со европската регулатива. Дел од тие закони е и Законот за енергетика во кој соодветно се транспонирани европски директиви и регулативи, со што се исполнуваат обврските кон Енергетската заедница, а од друга страна се овозможува развојот на обновливите извори на енергија, се заштитуваат државните енергетски компании како и граѓаните на Република Македонија.

„Државните енергетски компании, како што е ЕЛЕМ, ќе ги заштитиме само ако ја работат својата примарна работа, а не ако имплементираат проекти како што се ски центри или паркови. Производната цена на ЕЛЕМ во 2017 година изнесуваше 41 евро за 1 мегават час електрична енергија, додека во првиот квартал од 2018 година изнесува помеѓу 38 и 39 евра за мегават час. Таа цена ќе паѓа и понатаму и тоа преку ставање во функција на капацитети кои моментално не работат. Само неработењето на ТЕЦ Осломеј придонесува со 4 евра на мегават час. ЕЛЕМ повеќе нема да се занимава со непродуктивни дејности, ќе инвестира во проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори, од ресурсите со кои располагаме. Со Законот за енергетика се овозможува развојот на производствот на енергија од обновливи извори. Ќе се инвестира во фотоволтаична централа над стариот рудник Осломеј со капацитет од 10 мегавати, ќе се доградат ветерни електрани од 15 мегавати во Богданци и дополнителни 15 мегавати на локација во Мрзенци. Не постои човек во Владата кој сака да види приватизација на ЕЛЕМ, таа ќе стане модерна компанија која треба да стане регионален лидер во производство на електрична енергија“ потенциреше вицепремиерот Анѓушев.

Во однос на начинот на кој се заштитени граѓаните со Законот за енергетика, вицепремиерот истакна дека со воведување на „универзалниот снабдувач“, кој ќе биде избран на отворена тендерска постапка, ќе се влијае на намалување на профитите на снабдувачите со електрична енергија.

„Универзалниот снабдувач не е регулирана категорија, ќе биде избран на транспарентна тендерска постапка, без влијание од Регулаторната комисија која досега ги одобруваше трошоците и профитите, на овој начин пазарнитe услови ќе ја детерминираат цената на електричната енергија. Досега регулираниот профит на снабдувачите е од 7-9%, додека во светски рамки профитот на снабдувачите се движи од 1-2%. Разликите помеѓу профитите ќе останат кај граѓаните односно кај крајните потрошувачи. Со новиот Закон за енергетика, граѓаните се заштитени во наредните 5-6 години“, нагласи Анѓушев.

Во новиот Закон за енергетика се имплементираат и европски директиви преку кои ќе се влијае на поголема независност на Регулаторната комисија за енергетика, по принцип на ротација на членовите.

Треба да ги почитуваме законите којшто ги налага ЕУ.Тоа законот го предвидува, не да се променат сите членови, туку само оние кои што вршеле функција повеќе од 7 годни, согласно европската регулатива. И тука нема ништо спорно или персонално, има само примена на европското право и на европската регулатива“, рече вицепремиерот.

Донесувањето на Законот за енергетика ја искачува Република Македонија високо во агендата на примена и имплементација на енергетското право и ја прави лидер во регионот, нагласи вицепремиерот и посочи дека со добро менаџирање на енергетските компании во државна сопственост, цената на електричната енергија кон крајните потрошувачи нема да се покачи.

„Според деталниот преглед на зголемувањето на цената не електрична енергија за граѓаните во последните 10 години, евидентно е дека цената на електричната енергија за граѓаните е зголемената за 78,72%, а кога во пресметката ќе се земат и компаниите и поскапувањето на електричната енергија за нив, вкупната цена на зголемување достига скоро 100%. Во периодот во времето на ВМРО ДПМНЕ цената на електричната енергија е зголемена за 100%“, нагласи Анѓушев.

Видео од обраќањето на вицепремиерот на пленарната седница на Собранието:

English
АКТУЕЛНОСТИ: