Вицепремиерот Анѓушев и „Го сакам Водно“ извршија увид на новата предлог траса на гасоводот преку Водно – Владата е посветена на решенија кои се во интерес на граѓаните и здрава животна средина

10 јули, 2018 година

 Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи, заедно со претставници на иницијативата „Го сакам Водно“, денес извршија увид на нова предлог траса по која би поминувала гасоводната цевка преку Водно.

Новата траса од страна на МЕР е предложена со цел максимално да се заштити зелениот појас на Водно, а сепак во краток рок да се започнат градежните работи на гасоводот, кој исто така ќе биде од голема корист за заштита на животната средина.

Вицепремиерот Анѓушев ја поздрави иницијативата на граѓаните за заштита на зелениот појас на Водно, при што истакна дека имал намера лично да ја помине трасата по која треба да се гради гасоводот и на лице место заедно со претставниците на „Го сакам Водно“ и директорот на МЕР да утврдат колку зеленило и од кој вид се наоѓа на трасата.

„Невладините организации се коректив на работата на Владата и денес се уверив дека критиките и барањата на иницијативата „Го сакам Водно“ се делумно оправдани. Во однос на нивните барања Македонски енергетски ресурси подготви предлог на нова траса за изградба на гасоводот, во кој предлог максимално се избегнуваат површините покриени со шума, делумно ќе се користат и патчињата и патеките кои веќе постојат, со што за околу 70% ќе се намали влијанието врз зелениот појас во постапка на градење. Владата и МЕР прават максимални напори да се започне со изградбата на оваа делница, секое пролонгирање ќе има негативно влијание врз екологијата. Доколку се пролонгира изградбата на оваа делница за дополнителни 2, 3 или 5 години, тоа значи дека многу домаќинства ќе продолжат да ги загреваат домовите со дрва, а тоа значи дека многу повеќе шума ќе се сече за оваа намена, отколку за изградбата на гасоводот“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.

Вицепремиерот појасни дека изградбата ќе се изведува максимално внимателно, изведувачите за време на градежните работи ќе го заштитат секое дрво кое не е на трасата на гасоводната мрежа, а воедно ги покани невладините организации да вршат надзор врз градежните работи.

Вицепремиерот и претставниците на граѓанската иницијатива договорија средба на почетокот на наредната недела, на која треба да се усогласат ставовите и да се прецизираат наредните чекори и динамика на изведбата на гасоводот.

АКТУЕЛНОСТИ: