Вицепремиерот Анѓушев: Процедурите за апликација за државна помош се транспарентни и исти за сите компании

26 јули, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, на денешната собраниската седница посветена на пратенички прашања, на прашање колку компании кадешто како сопственици се јавуваат лица од албанска националност појасни дека критериумите за аплицирање за државна помош се еднакви за сите компании и процедурите за евалуација и добивање на државна помош се транспаретни и исти за сите компании.

Вицепремиерот појасни дека процесот за аплицирање бил транспарентен, условите на јавниот повик се превземени од претходни јавни повици, во согласност со процедурите на Светска банка, а сите компании имале доволно време да достават проекти за добивање на државна помош. Тој додаде дека евалуацијата на проектите е вршена двостепено, најпрвин секој од проектите е оценуван од тројца експерти, а потоа конечната одлука е донесена од комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет независни члена, странски експерти.

„Ниту на крај памет ми паднало да навлегувам во тоа дали сопственик на некоја компанија е Македонец или Албанец, во секојдневната соработка со колегите од Владата и од другите државни институции го почитувам истиот принцип. За мене се важни квалитетот на проектот, како и професионалноста и стручноста на соработниците. Инаку добив информација дека на јавниот повик, 10 од компаниите кои аплицирале имаат сопственици етнички Албанци, а 2 или 3 компании се оценети дека може да добијат државна поддршка по основ на квалитетот на доставениот проектен предлог“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Во моментов се работи на планирање и програмирање на ИПА компонентата за подигнување на конкурентноста на малите и средни компании во наредните четири години, потенцираше Анѓушев и дополни дека главен фокус при распределбата на средствата од оваа компонента ќе биде ставен на најнеразвиените три региони во Македонија: Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот регион. Тој додаде дека Владата е подготвена да им помогне на компаниите во создавање на квалитетни проекти и изрази подготвеност за обезбедување на уште посилна поддршка за сите мали и средни компании.

АКТУЕЛНОСТИ: