Промовирани договорите за доделување на државна помош на околу 100 компании од првиот и вториот столб на Планот за економски раст, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите

01 август, 2018 година

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска, на заедничка прес – конференција ги промовираа договорите за доделување на државна помош на компании од првиот и вториот столб на Планот за економски раст, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Одлуките за склучување договори со околу 100 домашни компании ги донесе Владата на вчерашната седница бидејќи фирмите ги исполнуваат условите за финансиска поддршка од прв и втор столб од Планот за економски раст, како државна помош за инвестициите што компаниите ги направиле во 2017-та година.

Сите компании заедно имаат околу 14.000 вработени, а само во 2017-та година отвориле преку 1000 нови работни места. Тие, по исполнување на своите обврски, ќе добијат вкупна помош од околу 9,2 милиони евра.

„За прв пат во историјата на Република Македонија државата определува значајни буџетски средства како поддршка за успешното работење на компаниите, за прв пат домашните компании добиваат помош под исти услови како и странските и за прв пат оваа државна политика се регулира преку закон. За таа цел, Владата на Република Македонија само за оваа година определи нешто повеќе од 20 милиони евра финансиска поддршка за големите, малите, средните и микро компаниите по сите три столба од Планот за економски раст. Тоа е за 100 пати поголема директна државна поддршка од порано“, рече Премиерот Заев.

Потенцирајќи дека и оваа мерка ќе придонесе за враќање на парите назад, кон стопанството и кон граѓаните, Премиерот Заев истакна дека разните субвенции и програми за вработување враќаат назад кон домашното стопанство и граѓаните, повеќе од 70 милиони евра.



„Почитувани граѓани, македонската економија се движи во вистинскиот правец и ваквите инвестиции за домашната економска клима ќе значат нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард. Последните објавени податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека имаме рекорден раст на индустриското производство во јуни 2018 од 12.1% во споредба со јуни 2017-та. Втората важна работа е тоа што платите растат. Просечната исплатена плата во мај 2018-та забележува раст од 7.1% во однос на истиот месец лани. Тоа значи дека вработените добиваат за 1600 ден повисока месечна просечна плата од порано“, додаде Премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев потсети дека согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, компаниите кои имаат остварено повисоки приходи и имаат ист или зголемен број на вработени во 2017-та година во споредба со трите претходни години имаа право да аплицираат за финансиска поддршка.

Притоа порача дека е задоволен што околу 100 компании од 30 градови и населени места низ цела Македонија ги исполниле условите и дека најголем дел од компаниите за кои се донесени одлуки за склучување на договори за државна поддршка се мали компании.

„Најголем број се од Скопје, односно 28 компании, а по 7 компании има од Битола, Кочани и Струмица, по 6 од Куманово и Прилеп, додека од Охрид и Штип се 4 компании.  Дека Законот важи подеднакво за сите покажува дека и компании од помалите места добиваат иста шанса, па така и од општина Боговиње утврдено е дека 4 компании исполнуваат услови за склучување на договор за финансиска поддршка. Најголем број на компании се мали, дури 49, потоа следуваат средните компании кои се на број 32 и 19 големи фирми“, дополни Анѓушев.

Инвестициите во технологии и во знаење се оние кои ќе ја направат македонската економија поконкурентна, а дури 12 компании од вкупниот број реализираат инвестиции во истражувачки и развојни центри, за што владата ќе овозможи поддршка од 30% за направената инвестиција, посочи вицепремиерот.

На прес–конференцијата, министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека за сите видови на финансиска поддршка, покрај склучениот договор, компаниите треба да достават уште неколку документи, како што се годишна сметка и финансиски извештај за претходната година и консолидирана годишна сметка и консолидиран финансиски извештај за претходната година, доколку деловниот субјект составува и објавува ваков вид на извештаи, потврда од Централен регистар на Република Македонија дека над деловниот субјект не е отворена стечајна постапка, не постара од 60 дена, како и уште некои други документи со што ќе се заокружи постапката за исплата на средствата на  компаниите на кои им се одобрени проектите согласно согласно Законот за финансиска поддршка.

АКТУЕЛНОСТИ: