Вицепремиерот Анѓушев го презентираше „Планот за економски раст“ пред меѓународната заедница: Мерките на Владата се со јасни критеруими и важат за сите компании

19 септември, 2017 година

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев на јавна трибина во Владата, го презентираше „Планот за економски раст“, односно сетот на економски мерки, пред претставниците од странските амбасади и меѓународните финансиски институции.

„Планот за економски раст е резултат на сеопфатни анализи. Во него се имплементирани препораки од документите на Светската Банка, Виенскиот институт за меѓународни односи, Македонската академија на науки и уметности, но и барањата од стопанските комори и бизнис секторот “, истакна вицепремиерот Анѓушев.

Компаниите, независно дали се странски или домашни, ќе имаат можност да ги користат мерките за поддршка, доколку, во просек, во последните 3 години покажат раст на приходите и не го намалуваат бројот на вработени.

„Мерките би ги поделил во три столба: мерки за поддршка на нови инвестиции и за зголемување на конкурентноста на економските субјекти, мерки за поддршка за извозот и мерки за поддршка за малите и средни претпријатија. Притоа, нема повеќе поделби на домашни и странски компании, сите економски субјекти ќе треба да ги исполнат истите критериуми и услови и секоја од компаниите ќе може да користи одреден сет на поддршка. Сакаме да бидеме транспарентни и дискреционо право за одлука повеќе не постои, односно никој повеќе нема да одлучува кој, колкава државна поддршка ќе добие“, дополни вицепремиерот.

Вицепремиерот истакна дека со имплементација на предложените мерки очекува големи ефекти во економијата, кои би се рефлектирале преку пораст на странски и домашни инвестиции, нови работни места, поголема ефикасност, продуктивност и конкурентност на компаниите, зголемување на извозот, што ќе допринесе до повисок Бруто домашен производ, зголемени плати и подобрување на материјалната благосостојба на граѓаните.

Вицепремиерот пред присутните детално ги презенираше и образложи сите мерки од „Планот за економски раст“, но посочи дека Владата е отворена за конструктивни предлози.

АКТУЕЛНОСТИ: