Став на ЗПВРМ за економски прашања д-р Кочо Анѓушев во врска со случувањата за време на одбележувањето на втори август – Илинден во Крушево

03 август, 2018 година

Почитувани,

Во врска со вчерашните немили случувања за време на одбележувањето на националниот празник „2-ри август - Илинден“ во Крушево, Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, како предводник на Владината делегација на свеченоста, изразува жалење што Ѓорге Иванов, од позицијата на претседател на Република Македонија, не покажа доблест и не собра храброст да го препознае историскиот момент, кој што значи поддршка на чекорите на Владата со кои се реализира историската заложба на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија за изградба на стабилна, сигурна и просперитетна иднина.

Тој, со своето обраќање, поттикна нетрпеливост и омраза, кое нешто предизвика непримерно и неприродно агресивно однесување на една мала група на заведени луѓе, кои беа злоупотребени и изманипулирани од обраќањето на Иванов, пришто вербално и физички ги нападнаа делегациите на Владата и Собранието на Република Македонија. Исто така непримерно е што сето ова се случуваше пред очите на претставници од меѓународната заедница, кои беа присутни на чествувањето на Илинден. Страшно е тоа што Иванов не покажа доблест и храброст, ниту ден подоцна, да ги осуди националистичките и навредливи скандирања, ако се има во предвиде дека и во неговиот Кабинет се вработeни лица од други националности, а тој би требало да е претседател на сите граѓани. Се прашувам како ли се чувствуваат луѓето што работат во неговиот Кабинет?

Граѓаните знаат дека пред нив е подобра и посветла иднина. Граѓаните ги препознаваат политиките кои Владата ги спроведува и ја поддржуваат во напорите за побрза евро-атлантска интеграција. Граѓаните, а не Иванов, ќе одлучат на референдумот за членство на Република Македонија во НАТО, тие ќе бидат клучниот елемент за започнувањето на преговорите на нашата земја за членство во Европска Унија. Граѓаните сакаат стабилност, сакаат инвестиции, нови работни места и повисоки плати, а не лажен патриотизам и меѓународна изолација, која ја нуди Иванов. Спроведуваме реформи за да ја изградиме Македонија како современа европска држава, да ја донесеме ЕУ тука и да ги задржиме младите и едуцирани кадри, својот живот да го градат во татковината, а не во некоја од западните развиени земји.

 

Сите субјекти во Република Македонија, институции, граѓански организации и самите граѓани треба да бидеме сплотени во овие процеси, кои се во правец на реализацијата на вековните заложби за слобода, правда и еднаквост. Напорите на Владата за економски раст, стабилна клима за нови инвестиции, нови подобро платени работни места, се вистинскиот патриотски чин. Одржлива и развиена економија, повисок животен стандард, тоа се нашите цели и без членство во НАТО и ЕУ, овие цели се тешко достижни.

Четвртиот Илинден е денот кога ќе влеземе во НАТО и во Европската Унија. Сите заедно, да продолжиме со реализација на чекорите за просперитетна Република Македонија, рамноправна со сите други демократски држава.

АКТУЕЛНОСТИ: