Средба на вицепремиерот Анѓушев со делегација од СР Германија– меѓусебната размена во 2018 година може да дoстигне до 4 милијарди евра

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев оствари средба со делегација од Сојузното министерство за економија и енергетика, Стопанската комора на Германија и Источниот комитет- здружение на источна Европа на германското стопанство, предводена од г-дин Хелге Толксдорф, раководител на секторот за проширување на ЕУ, Југоисточна Европа и Турција во Сојузното министерство за економија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Сојузна Република Германија е најзначајниот трговски партнер на Република Македонија, голем број на германски компании работат со успех во земјата,  а се бележи најголем суфицит во трговската размена, пришто извозот кон Германија е речиси тројно повисок од увозот.

„Германските компании се добродојдени во Македонија, Владата активно работи на одржување на добра комуникација со веќе постоечките компании, но и на привлекување на нови инвеститори од Германија. Економијата во земјата е стабилна, во првите шест месеци од 2018 година бележиме раст на индустриското производство од околу 5%, раст на извозот од над 13%, а во првиот квартал е забележан и рекорден износ на странски инвестиции од 235 милиони евра. Се се тоа индикатори дека економските политики кои ги креиравме даваат резултати и дека растот на бруто домашниот производ ќе оди во нагорна линија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев. 

Претставникот од германското сојузно министерство за економија, г-дин Толксдорф посочи дека голем број на компании се заинтересирани за инвестиции во Македонија и дека гледа можност за уште подобра и поинтезивна економска соработка помеѓу двете земји.

„Според индикативните податоци во првата половина од годината, доколку продолжи со ова темпо, трговската размена помеѓу двете земји би можела да достигне до 4 милијарди евра. Интересот на германски компании за инвестиции во Македонија е голем, а во тоа се уверив и лично неодамна на бизнис форумот кој се организираше во Франкфурт“, потенцираше Толксдорф.

На средбата стана збор и за формирање на мешовито тело помеѓу двете земји преку кое би се поттикнувала, координирала и интензивирала соработката во поглед на привлекување на нови инвестиции, но и за реализација на проекти поддржани од германската влада и германските банки.

Претставникот на делегацијата на германското стопанство во Република Македонија, Патрик Мертенс нагласи дека проектот за дуално образование, кој се спроведува со поддршка на македонската Влада, веќе од септември започнува со практична имплементација со отворање на по една паралелка во стручните средни училишта во Охрид и во Кичево, за потребите на германски компании кои работат во Македонија. Овој проект, според вицепремиерот Анѓушев, треба да биде основа за реформата во образованието, за да се продуцират едуцирани кадри соодветни на потребите на технолошки развој на индустријата во Република Македонија.

Соговорниците се согласија дека формирањето на мешовитиот комитет ќе биде чекор напред кон создавање на поцврсти и поинтензивни односи, со што дополнително ќе се  зајакне економската соработка помеѓу двете земји.
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: