Започна со изградба новиот објект на компанијата индустри сервис во гази баба – инвестиција од 1,5 милиони евра и до 100 нови вработувања

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, вицепремиерот и министер за внатрешни работи  Оливер Спасовски, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов и градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски на 15 септември 2018 година присуствуваа на свеченоста со која се означи почетокот на изградба на новиот објект на компанијата Индустри сервис во населба Маџари. Вицепремиерот Анѓушев, потенцираше дека оваа нова инвестиција на компанија која е специјализирана за производство на храна за потребите на големи индустриски капацитети е уште еден доказ за процесот на индустријализација кој се одвива во  Република Македонија. Тој дополни дека овој тип на компании се многу важни во индустријата, бидејќи според податоците од Светската организација на трудот, компаниите кои имаат организирана исхрана ја зголемуваат својата продуктивност дури до 20%.

„Станува збор за семејна компанија, која започнала како мала, а во текот на годините се проширувала. Факт е дека во многу земји индустријата се заснива на семејни компании, а добар пример за тоа е Германија, каде 70% од компаниите се семејни, со долга традиција и кои се развивале со паметен менаџмент“, потенцираше Анѓушев.

Анѓушев подвлече дека во јули 2018 година, забележан е пораст на индустриското производство од над 8%, просечната плата во истиот месец е за над 6% повисока од истиот месец лани, додека извозот од Република Македонија бележи раст од 14,1%, што покажува дека индустријата бележи значителен прогрес.

„Задачата на Владата да ги поддржи компаните во нивниот развој. Компанијата Индустри сервис е корисник на проектот Странски експерти за домашни компании и токму во декември странски експерт ќе помогне со реализација на новата инвестција. Оваа компанија аплицираше за користење на мерките од третиот столб, кој се спроведува преку ФИТР, нивната апликација е позитивно оценета и се очекува да биде поддржана во вториот бран“, дополни Анѓушев.
Вицепремиерот се осврна и на претстојниот референдум, при што истакна дека евро-атлантските интеграции на земјата се главен приоритет на Владата, поради тоа што на тој начин се обезбедува стабилност и сигурност, а со тоа и подобри услови за нови инвестиции и побрз раст и развој на економијата.

Овој објект за подготовка на храна ќе претставува најголем и најсовремен угостителски капацитет од овој тип на цела територија на Македонија. Целна група ќе бидат домашните и странските компании во земјава со над 300 вработени, нагласи градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски.

„Општина Гази Баба и во иднина ќе ги поддржува сите инвеститори кои ќе сакаат да вложат на наша територија, а со тоа директно да влијаат на развивање на општината и што е особено важно, на намалување на невработеноста во Гази Баба. Отворени сме за сите странски и домашни компании, општина Гази Баба ќе им секогаш биде лојален партнер“, потенцираше Георгиевски.

Сопственикот на Индустри сервис, Драган Смилковски рече дека во моментов компанијата вработува преку 150 лица, додека во новиот објект ќе се инвестираат околу 1,5  милиони евра, а планирани се до 100 нови работни места. Тој рече дека компанијата соработува со големи индустриски капацитети приштo дневно произведуваат околу 9.000 оброци, односно над 2 милиони оброци годишно, а со новиот капацитет производството се удвојува.

„Локацијата на која ќе се гради објектот е на парцелата од 2.650 м2, додека вкупната градежна развиена површина изнесува 1.800 м2. Новиот проект ќе има капацитет за подготовка и служење на 9.000 оброци на дневна основа, односно преку 2.000.000 оброци годишно. Овој објект за подготовка на храна ќе претставува најголем и најсовремен угостителски капацитет од овој тип во Република Македонија“, кажа Смилковски.
 

Линк од видеото од свеченоста и обраќањата на вицепремиерот Анѓушев, градоначалникот Георгиевски и сопственикот Драган Смилковски :

English
АКТУЕЛНОСТИ: