Анѓушев од Прилеп: Фундаментите на индустријализацијата на Македонија се поставени - инвестициите во квалитетно образование се следен чекор

Фундаментите на индустријализација се поставени преку Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, следува фаза на сузбивање на бирократијата и обучување на кадар соодветно потребен на економијата, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од Прилеп.

Тој денес го посети тутунскиот комбинат и заедно со Министерот за економија, Крешник Бектеши, Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски и Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, присуствуваше на свеченото примопредавање на опремени кабинети и лаборатории во средното општинско училиште Ристе Ристески – Ричко од Прилеп донација од компанијата Филип Морис ТКП.

Токму овој профил на донации се инвестиција во иднината на земјава, во младите порача Анѓушев.

„Денеска сме во работна посета на Тутунски комбинат, каде после долги години агонија состојбата се стабилизира и по долгогодишните загуби, се надеваме на позитивни резултати. Ја посетивме фабриката каде е донесена нова машина од Филип Морис што е пуштена во работа и позитивно влијае врз зголемувањето на производството - тоа е резултат на добро раководење на компанијата, но и на стратешкиот договор со Филип Морис”, нагласи Анѓушев.

Обезбедување на квалитетен и соодветен кадар е проблем со кој се соочува целата индустрија, а се работи на надминување на оваа состојба.

“Сакам да ја изразам благодарноста што компанијата донираше лабораторија за учениците и опреми кабинети - се надевам ова ќе биде поттик и за другите компании да го следат примерот. Ние како држава работиме на создавање на кадар соодветен на потребите на пазарот преку воведување на дуалното образование и практикантство со што ќе се реши акутниот проблем на невработеност и ќе се задоволи побарувачката на пазарот на труд”, заклучи вицепремиерот.

АКТУЕЛНОСТИ: