ЗАПОЧНА НАУЧНИОТ СИМПОЗИУМ „ЕНЕРГЕТИКА 2018“ – ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ: ЕНЕРГЕТИКАТА Е КРВОТОК НА ЕКОНОМИЈАТА И ПОТРЕБНО Е ДОЛГОРОЧНО ПЛАНИРАЊЕ

Големите енергетски предизвици поврзани со пазарот за електрична енергија, производство, имплементација на решенија за паметни мрежи и нивно управување, енергетска ефикасност, екологијата и обновливите извори се дел од темите на научниот симпозиум „Енергетика 2018“

Потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, на свеченото отворање на симпозиумот, истакна дека енергетиката е крвоток на една економија, особено важен сегмент на општественото живеење и дека Владата посветува големо внимание за развој на овој сектор. Тој нагласи дека е донесен нов Закон за енергетика, во подготовка е Закон за енергетска ефикасност, а се започнува со сериозно планирање на развојот на енергетскиот сектор, преку креирање на Стратегија за енергетика, која ќе опфати период од наредни 30 години.

„Долги години енергетиката беше запоставувана и Владата тоа го промени. Го донесовме новиот Закон за енергетика, усогласен со европските директиви и регулативи. Овој Закон дава големи можности за енергетските компании за нивен развој, но и развој на економијата. Светот започнува со енергетска.транзиција и ние мора да ги следиме тие трендови за да бидеме конкурентни. Поевтини и поеколошки енергенси се важни за конкурентноста на компаниите, особено оние од индустријата. Енергетиката не се планира денес за утре, токму затоа подготвуваме стратегија за енергетика за наредните 30 години", потенцира Анѓушев.
 
На настанот на кој ќе се презентираат повеќе од 30 научни и стручни трудови се обрати и Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО, кој истакна:

„Вие сте авангардата на општеството и јас како најодговорен преставник  на енергетската компанија, која го претставува суверенитетот на Република Македонија изразен преку работата на електропреносниот систем, истовремено имам обврска и задоволство да ве поддржувам во вашата работа“, кажа Василевски.

На свеченото отварање свое обраќање имаше и д-р Драган Миновски, првиот човек на најголемата македонска компанија „ЕЛЕМ“ кој потенцираше:

„Ние, како ЕЛЕМ, ја поддржуваме размената на идеи и размислувања во работната средина како еден од главните двигатели на секоја организација, додека пак размената на мислења, идеи и дискусии на ваков вид собири е можност за развој на целиот сектор и унапредување на сите субјекти кои се вклучени во конференцијата“

Пазар на електрична енергија, енергетските стратегии, производството, обновливите извори, управувањето со електропреносниот систем, оптимизација во управувањето со дистрибутивната мрежа, енергетската ефикасност и екологијата се меѓу темите на кои ќе разменуваат искуства повеќе од 70 научници и стручни лица на меѓународниот научен симпозиум што се одржува во Охрид, од денеска до 6 октомври. Организатор на научниот симпозиум  е Здружението на енергетичари на Македонија (ЗЕМАК), здружение на професионалци од областа на енергетиката кое постои 26 години и организира научни собири, симпозиуми и ја унапредува македонската наука во различни области и сегменти кои произлегуваат или се поврзани со енергетските дејности.

Научниот симпозиум разработува теми кои се одобрени од интернационален програмски одбор составен од 25 научници од: Германија, Канада, Холандија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и од домаќинот – Македонија. Овој научен симпозиум го финансираат енергетските компании: МЕПСО, како генерален спонзор, ЕЛЕМ, ЕВН, Макстил и ОКТА во академско партнерство со следните факултети: ФЕИТ, ФИНКИ, МФС, ТФ Битола, ГФ и УГД-Штип
 

Линк до видео од обраќање на ЗПВРМ Анѓушев:

 

АКТУЕЛНОСТИ: