Конфиндустрија Италија отвори канцеларија во Македонија – Вицепремиерот Анѓушев: Со Планот за економски раст ќе стимулираме резултати на компаниите

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев,  се обрати на „Презентацијата на Конфиндустрија Македонија“, во врска со отворање на канцеларија на Конфиндустрија Италија во Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Италијанската Република е значаен трговски партнер на Република Македонија, со вкупна трговска размена во првите девет месеци од 2017 година од 367 милиони евра, што ја рангира на шестото место во однос на економската соработка.

„Во изминатите девет месеци трговската размена помеѓу земјите забележа пораст од 6,6%, а особено е значајно што извозот бележи пораст од 7,5%, со што се намалува трговскиот дефицит. Владата е посветена на зголемување на соработката со компании од развиените земји, како што несомнено е и Италија и се надевам дека во годините кои следат порастот на економската соработка ќе биде преоцентуално изразен во двоцофрени бројки“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот ги повика компаниите, членки на Конфиндустрија, да ги разгледаат мерките од Планот за економски раст и изрази надеж дека отворањето на канцеларијата ќе биде дополнителна можност за привлекување на инвестиции од Република Италија.

„Мерките од Планот за економски раст се комплементарни и едноставни за имплементација. Со овие мерки Владата ќе стимулира резултати, а не нечии желби. Инвеститорите кои ќе покажат раст може да очекуваа поврат од 10% на инвестицијата во основни средства за работа, како изградба на хали и набавка на машини за работа, а дополнително ќе бидат субвенционирани со 10% поврат на средства за инвестициите кои се направени за стимулирање на извозот. Доколку компаниите набавуваат над 10% од материјалите за производство преку домашни компании, Владата ќе ги поттикне со поврат на 1% од вкупно направените набавки“, појасни вицепремиерот.

Мерките од Планот за економски раст се во тек на финално усогласување, по добиените предлози и сугестии, а Вицепремиерот веќе најави одредени измени во мерките.

„Со цел  да се поттикне растот на платите, извршивме редизајн на мерката за поддршка на нови работни места. Владата ќе ги поддржи компаниите со субвенционирање на 20% од платата, која би изнесувала над 50% од минималната плата, со цел да се стимулираат нови, подобро платени работни места за македонските граѓани. Кога го презентиравме планот, првично беше најавено оваа поддршка да изнесува 10%, но за да ги стимулираме компаниите да отвораат нови работни места, кои би биле подобро платени, одлучивме процентот да биде уште повисок“, потенцираше вицепремирот Анѓушев.

Конфиндустрија Италија е водечка трговска асоцијација во која членуваат преку 150 илјади компании, кои вработуваат над 5 милиони и 400 илјади лица.

Видео од обраќањето:

АКТУЕЛНОСТИ: