Вицепремиерот Анѓушев на бизнис форум на странски и домашни компании: Со Планот за економски раст Владата поддржува зголемување на соработката помеѓу странските и домашните компании

30 ноември, 2017 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, присуствуваше и се обрати на бизнис форумот на странски инвеститори и домашни компании кои имаат потенцијал да станат нивни добавувачи, во организација на Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата направи детална анализа на досегашната политика за привлекување на странски инвеститори и констатираше дека оваа политика не ги донесе посакуваните резултати. Во технолошко индустриските развојни зони функционираат вкупно 19 компании, кои вработуваат околу 20 илјади лица. Според вицепремиерот за поздравување е што околу 20 илјади лица преку вработување во некоја од странсите компании обезбедиле егзистенција, сепак околу 70% од вработените не се нововработени лица, туку превземени од други фирми, а соработката помеѓу домашните и странските компании е на многу ниско ниво и во најголем дел од случаевите не преминува 1% од вкупната работа на странските компании.

„Владата го креираше Планот за економски раст, кој набрзо ќе премине и во Владина програма за економски развој, за поддршка на домашни и странски компании, создавање на нови подобро платени работни места, технолошки развој и стимулуриње на извозот. Клучно е што мерките од оваа програма ќе бидат транспарентни, со јасно дефинирани критериуми и важат подеднакво за домашните и странските компании. Важно е да се напомене дека со новите мерки се дава вистинска поддршка за компаниите, а истите ќе продуцираат поинтензивен и одржлив економски раст на земјата“, нагласи потпретседателот Анѓушев.

Вицепремиерот истакна дека Владата ќе биде посветена на привлекување на нови домашни и странски инвеститори, а со планот за економски раст ќе се поддржува и зголемување на соработката помеѓу странските и домашните компании, a не создавање на нелојална конкуренција.

„Со планот за економски раст ќе се стимулираат резултати и раст на компаниите. Ќе се стимулира вработувањето и исплаќање на повисоки плати, Владата директно ќе ги помогне компаниите кои ќе вработат над 80% невработени лица, лица кои излегуваат од образовниот процес, вработени во компании во стечај или ликвидација или превземени вработени од администрација со 20% од исплатена нето плата, доколку исплаќаат плати над 50% од минималната плата дефинирана со закон. Максимално компаниите може да добијат поддршка и до 4.400 евра годишно по вработен, односно ќе се стимулира исплаќање на повисоки плати“, објасни Анѓушев.

Доколку компаниите остварат пораст на приходите во последните 3 години и не го намалуваат бројот на невработени во истиот период, а остварат нова инвестиција, може да очекуваат поврат на инвестицијата од 10%, а доколку се извозно ориентирани, може да очекуваат уште 10% поддршка за трошоците направени за зголемување на извозот. Доколку компаниите извозот го остваруваат во земји од Западен Балкан 6, Владата со дополнителни 10% ќе ги покрие трошоците направени за зголемување на извозот во овие земји.

„Ги стимулираме странските компании да ја зголемат соработката со домашни компании. Доколку странска компанија над 10% од набавките ги извршува од македонски компании, Владата ќе ги поддржи со 1% од вкупно направените набавки“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Според анализите направени за 2016 година, вкупно 7000 компании во Република Македонија покажуваат раст на своето произвдоство и не го намалиле бројот на вработени и би можеле да ги искористат мерките од Планот за економски раст

 

Видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев:

 

 

English