Вицепремиерот Битиќи на презентација на Индексот на бирократија: Работиме на намалување на бирократските процедури и унапредување на условите за водење на бизнис, како и силна борба против корупцијата

29 септември 2020


Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес, на покана на организацијата „Македонија 2025“, се обрати на настанот на кој беше претставен Индексот на бирократија, истражување направено во шест европски земји, во заедничка соработка на „Македонија 2025“, „CivicaMobilitas“, Институтот за економски и социјални студии (INESS ) од Република Словачкаи и регионалната канцеларија на Friedrich Nauman Фондацијата. 

Вицепремиерот Битиќи, во своето воведно обраќање посочи дека дури и во денешното време на дигитализација и брз проток на информации, во многу земји од светот, сеуште на бирократијата се гледа како на масивен, тром и неефикасен систем, кој бавно се прилагодува на потребите на реалниот сектор и на потребите на граѓаните.

„Митовите постојат за да се разбиваат. За поздравување е тоа што Северна Македонија е позиционирана како „најмалку бирократска земја“ од оние кои учествуваа во истражувањето, сепак, јас сум човек кој сака секогаш повеќе и подобро. Сите добро знаеме дека на последниот извештај „Дуинг бизнис 2020“, Северна Македонија е позиционирана помеѓу топ 20 држави (17-то место) во светот за водење на бизнис и тоа е навистина одлично. Долго бев дел од приватниот сектор, а имам и меѓународно искуство во спроведување на проекти за подобра бизнис клима. но денеска ви се обраќам од позиција на човек кој има државничка одговорност пред вас да работам на подобрување и унапредување на економијата во земјава и поставување на здрави темели за долгорочен, одржлив и стабилен раст и развој на истата“, нагласи вицепремиерот.

Битиќи рече дека значаен дел од зголемување на ефективноста и ефикасноста во работењето се сведува тоа да ги доведеме до минимум сите бирократски процеси, за компаниите и за граѓаните, на тој начин, да ја олесниме нивната работа, со еден збор да ги растеретиме од непотребните бирократски процедури.

„Во повеќе наврати истакнувам дека Владата ќе биде посветена на создавање на Платформа за економски развој, која ќе овозможи побрз и одржлив раст и развој на економијата на Северна Македонија, на долг рок, што пак со сигурност ќе донесе нови работни места, подобри плати, нови патишта, железнички пруги, водоводи, пречистителни станици, училишта, градински, болници, кусо: подобар и поквалитетен живот. Со инклузивен процес, во кој ќе бидат вклучени сите чинители во економското живеење, стопанските комори, синдикатите, академската заедница, меѓународните партнери, граѓанските организации, преку процес на консултации и дискусии, ќе работиме на унапредување на законската регулатива, со која ќе се упростат и олеснат бирократските процедури. Веќе е поставен планот за мапирање на сите законски постапки низ кои граѓаните и стопанството ги остваруваат своите права и обврски кон државата како и законските рокови за постапување од страна на државните органи или институции.  Создавањето на овој единствен регистар ќе има повеќекратни придобивки: ќе укаже на предолги или непотребни бирократски чекори и рокови,ќе создаде услови за поголема транспарентност и отчетност на државните службеници кои се во служба на граѓаните, ќе се зголеми ефективноста и ефикасноста во постапувањето, голем дел од постапките ќе се дигитализираат, а 
можеби најважно, ова ќе биде моќна алатка за сузбивање на корупцијата“, потенцираше вицепремиерот.

Вицепреимерот Битиќи, во името на Владата, посочи дека во наредните четири години, посветено ќе се работи на намалување на бирократските процедури, унапредување на условите за водење на бизнис и силна борба против корупцијата и сивата економија.

„Верувам дека, ако работиме заедно, ако создадеме синергија, ќе постигнеме многу повеќе,  а нашите граѓани ќе живеат многу подобро“, заврши вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Извршната директорка на организацијата „Македонија 2025“, Никица Мојсоска Блажевски кажа дека преку Индексот на бирократија се мери товарот којшто законодавството, регулативата, процедурите ги наметнуваат над бизнисите. 
„Би рекла дека бизнисите се основна клетка на економијата и оттука владината регулатива и процедурите коишто ги споменав треба да дадат кислород на таа клетка наместо да ја ограничуваат. Оттука целта на овој индекс којшто го сметаме за еден прв чекор, е понатаму да дојдеме до план на мерки и активности како да се намали бирократскиот товар на компаниите. Притоа морам да кажам дека споредбено во Северна Македонија резултатот е многу подобар отколку во земјите членки на ЕУ. На една типична македонска компанија и требаат годишно 154 часа за да биде усогласена со регулативата. За споредба, во Словачка на една компанија и требаат 240 часа, а во Шпанија којашто е да кажам најлошо рангирана и требаат дури 370 часа“, посочи Мојсоска Блажевски.

На настанот на кој беше презентиран Индексот за бирократија, во споредба на шест земји од Европа (Северна Македонија, Шпанија, Италија, Чешка, Словачка, и Литванија) нашата земја е најдобро рангирана во споредбениот сет на земји со 154 часа за завршување на бирократските процедури, резултат кој најмногу се должи во чекорите што се направени за дигитализација на даноците и на администрацијата во Агенцијата за вработување. Станува збор дека со еден чекор се информираат неколку институции. Во моментот кога се поднесува пресметка за плата истовремено се врши пресметка на данокот, на пензиското осигурување, на здравственото осигурување додека во другите споредбени земји како Словачка и Шпанија сето тоа се одвоени чекори и затоа одземаат повеќе администрација. Како теми за кои простор за подобрување наведено се системот е-даноци како и унапредувањето на административните процедури во  Фондот за пензиско осигурување, бидејќи неажурноста на податоците во пензискиот фонд одзема доста време и на компаниите и на граѓаните во проверка на податоците.
 

 

Линк до видео со изјави на вицепремиерот Фатмир Битиќи и извршната директорка на „Македонија 2025“ Никица Мојсоска Блажевски:

Линк до видео со целосно обраќање на вицепремиерот Фатмир Битиќи на настанот:

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: