Премиерот Заев и вицепремиерот Битиќи на средбата со оштетените штедачи од „Еуростандард банка“: Ќе ги поддржиме сите законски механизми за изнаоѓање ефикасни решенија за обесштетување

14 октомври 2020


Премиерот Зоран Заев, придружуван од  вицепремиерот Фатмир Битиќи, се сретна со претставниците на Здружението на оштетени граѓани од „Еуростандард банка“.

На средбата претставниците на оштетените штедачи ги предочија проблемите со коишто се соочуваат физичките и правните лица, по пропаѓањето на „Еуростандард банка“ и понудија предлози за можни решенија.

Премиерот Заев ги сослуша нивните барања и истакна дека Владата има силна волја да им излезе во пресрет на оштетените граѓани и дека тоа ќе се направи согласно постоечката законска рамка. Тој предочи дека Народната банка на Република Северна Македонија навремено реагирала и презела сѐ што е во нејзина надлежност во однос на нерегуларностите во работењето на „Еуростандард банка“.

„За нас како Влада првенствен е вашиот интерес како оштетени граѓани, во смисла да обезбедиме соодветни услови за ваше обесштетување. Тоа што е во наша моќ, ние ќе го направиме, но мораме да ја почитуваме законската рамка. Законската рамка и правила се јасни и тие не предвидуваат државата директно да се инволвира преку исплаќања од буџетот. Тоа не смееме да си го дозволиме затоа што тоа е спротивно на законите“, истакна премиерот Заев на средбата.

Тој додаде дека се покренати кривични пријави и други мерки што се во надлежност на јавното обвинителство и ги увери претставниците на оштетените граѓани дека нивните предлозите и сугестии ќе бидат следени од страна на институциите и дека ќе бидат преземени сите потребни мерки за нивно обесштетување согласно законот и стечајната постапка. 

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: