Свечена владина седница во чест на 30-годишната независност: Република Северна Македонија со наследството од минатото и храбрите одлуки денес создаде држава членка на НАТО, со извесна европска иднина и економски перспективи



31 Август 2021 година

Владата на Република Северна Македонија денеска одржа свечена седница посветена на 30-годишнината од независноста на државата.

На седницата е констатирано дека дел од тестовите на зрелоста, во изминатите 30 години, положија генерациите пред нас, а дел од нив ги положија денешните генерации, со што е заокружен илинденскиот и асномскиот континуитет и со храбрите и мудри одлуки денес, отворен е патот, по историскиот исчекор во НАТО-интеграциите, за развој на демократска Република Северна Македонија, со европска иднина.

„Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз – НАТО и како кандидатка за членство и во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија.

Имаме живо и динамично општество, во кое треба секој од нас да вложува за негов постојан развој. Ја кренавме Република Северна Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности, на неколку цврсти столбови: правна држава и владеењето на правото, економски раст, општество и институции како сервис за граѓаните, Едно општество за сите.

Го зедовме најдоброто наследство од минатото и создаваме држава со сосема извесна европска иднина“, констатираше премиерот Зоран Заев.

„Наша одговорност и света должност беше и да го зачуваме македонскиот идентитет. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Засекогаш, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа. Кристално јасно е дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, го бранеа и гинеа за македонскиот идентитет. Заедно со граѓаните го остваривме тој вековен сон со меѓународна верификација.

И во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, кои покажаа и другарско и братско разбирање и што им даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за одбрана и заштита на македонски идентитет е од огромно значење за градењето едно и еднакво, заедничко општество – наше општество, автентично, уникатно, граѓанско, сенародно“, додаде премиерот Заев.

Тој оцени дека „денот на независноста, 8 Септември, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ги утврдиме нашите стратешки патокази и да трасираме пат за демократски развој, исполнет со меѓусебно разбирање, благосостојба и просперитет“.

„Оваа свечена седница на Владата ја посветуваме на значајниот јубилеј, на нашата државничка, национална и граѓанска гордост  – 30 години независност. На 8 септември 1991 година, граѓаните на тогашна Република Македонија донесоа историска одлука и глaсаа ЗА независност и ЗА суверенитет. Тоа беше храбро и одлучно соочување со историските околности во тој период и израз на силна верба во перспективата за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава“, потсети премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, упати и порака за чување и негување на слободата и демократијата и на заедништвото, како контраст на автократските тенденции и заробеното општество во еден период.

„Засекогаш ќе ги паметиме и ќе им оддаваме почит на сите државници и членови на владите кои денес не се меѓу нас и кои се вградија во остварувањето на независноста и во градењето на нашата држава според современите демократски вредности.
Во периодот од 77 години од државотворниот АСНОМ и 30 години пат на самостојно, независно учество во животот на заедницата на народите, научивме неколку важни лекции. Една од најважните е лекцијата за чувањето и негувањето на демократија. Обновата не демократијата и на демократските институции ја зајакна кохезијата во нашето општество и го издвои приоритетот за обединување за да ги оствариме врвните државни интереси и главните национални приоритети.

Делбите и кавгите заради тесно партиски или националистички интереси, или заради интереси спротивни на нашите стратешки определби, никому не му донесоа ништо добро, ниту ќе му донесат во иднина. Затоа ние секогаш ќе бидеме во предност пред било кој, којшто би се обидел да го дели народот, затоа што ние сме за сплотеност и унитарност, за просперитет и иднина.

Да продолжиме заедно да ја градиме нашата земја како едно и еднакво општество за сите, низ меѓусебна почит и разбирање, затоа што само заедничката среќа е среќа“, повика премиерот Заев во обраќањето.  

На седницата во чест на овогодинешниот 8-ми Септември се обратија и вицепремиери и министри.

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, констатираше дека „30-годишното минато нѐ научи дека кога заедно ја градиме иднината врз основа на меѓусебното почитување и рамноправност, вреднувајќи ги разликите и диверзитетот како можност, а не како пречка и воспоставувањето отворен и искрен дијалог, ништо не е невозможно“.
 
„Албанците беа и се за независноста, заедно на темелите на референдумот и декларацијата за независнот и Охрдискиот рамковен договор го избравме дијалогот, рамноправноста и соживотот, но и пријателството со соседите и го определивме нашиот пат кон НАТО и кон ЕУ. Затоа Договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се неразделен дел од мозаикот којшто нѐ направи членка и доверлив партнер на НАТО. Во овие важни моменти на оваа 30-годишнина како независноста, Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство се темелите на државата.
 
Заедно сме навистина посилни. Честитки на сите граѓани за овој наш јубилеен повод 30 години од државноста“, порача вицепремиерот Груби.
 
Заменикот на претседателот на Владата за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, го истакна значењето на претходните генерации во изградбата на државата, но и улогата на новите генерации кои мотивирано ги поддржаа храбрите лидерски одлуки, за доброто на државата.

„Храбро лидерство и да не губиме време, да ги градиме институциите и да ги решаваме проблемите. Денеска сме држава со своја иднина. Да ја вратиме довербата во институциите на системот, да има ред и правда, да ги задржиме младите тука, да ги искористиме природните ресурси во полза на развојот на државата и тие кои заминаа да се вратат. Членството во НАТО е доказ дека може да нѐ биде“, рече вицепремиерот Николовски.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, посочи на одговорноста што ја покажуваа претходните генерации во реализацијата на државните стратешки цели, со заедничката определба уште во тие времиња „проблемите во меѓусебните односи да се решаваат на мирен начин, по пат на меѓусебно почитување, како и на патот за остварувањето на тие цели“.

„Се мерел зборот и се извлекувало максимум од тешките моменти. Гледале доволно напред за да ги најдат вистинските формули. Знаеле каде ѝ е местото на нашата држава, во ЕУ.

Независноста нѐ научи која е формулата којашто дава резултат. Тоа е храброст, работа и отвореност. Ништо не оди лесно, но ако е тешко, не значи дека е невозможно“, рече министерката Шекеринска.

На седницата збор зедоа и заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Министерката Шахпаска порача „да се носиме со личната одговорност пред граѓаните“, а вицепремиерот Битиќи се осврна на економските придобивки за граѓаните и повика на заедничка визија за иднината. Тој констатираше дека Северна Македонија слави 30 години јубилеј од независноста, но истовремено 30 години и од својата економска независност, нагласи дека државата има сопствена монетарна, фискална политика, дека законите се менуваа и се подобруваат со цел воспоставување на современ и модерен економски систем, но и дека има Влада којашто се грижи за сите.

„Денес нашите политики се фокусирани на поддршка малите средните, но и големите компании, на производствените компании, на извозот, според принципите на рамномерениот регионал економски развој, бидејќи секој граѓанин на оваа земја заслужува подеднакви шанси. Расте просечната плата, посветени сме на креирање на регионална конкурентност, наспроти регионална конкуренција, им помогнавме на компаниите кога им беше најпотребно, нашата посветеност е креирање економска предвидливост.
 
Затоа денеска на оваа свечена седница, кога гледаме во последните 30-години зад нас, сакам да погледнеме и да ја видиме нашата татковина во следните најмалку 20 напред. Ако сите можеме да ја видиме, сите заедно можеме и да ја постигнеме таа заедничката цел: држава за сите, држава на можности, држава дел од Европската Унија, татковина којашто е дом за сите“, порача вицепремиерот Битиќи.
 
На денешната свечена седница по повод 30-годишната независност, оддадено е посебно признание на првиот собраниски состав, со поддршка на иницијативата на премиерот Заев за доделување признанија (и постхумно) на сите тогашни 120 пратеници, за нивниот особен придонес во поставување на општествените и институционалните темели во изградбата на слободна независна суверена и демократска држава Република Македонија, денешна Република Северна Македонија.

 

Линк до видео од свечената седница на македонски јазик

 

Линк до видео свечената седница на албански јазик

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: