Од 112-та седница на Владата: На културно-уметничките настани во затворено се дозволува до 50% публика со две дози вакцина; Децата со пречки во развојот или со посебни потреби можат да бидат ослободени од носење маски во училиште

13 Октомври 2021 година


Владата на Република Северна Македонија, на денешната 112-та седница, врз основа на препораки на Комисијата за заразни болести донесе повеќе заклучоци и одлуки за измени и дополнувања на дел од КОВИД-19 протоколите.

На предлог на Комисијата за заразни болести Владата донесе заклучок за измена на Протоколот за организирање настани во затворен простор (театри, кина, филхармонија и други) со кои наместо досегашниот дозволен процент на исполнетост на салите за организирање настан во овие простори до 30%, се зголемува со присуство на публика до 50% од капацитетот на салата.

Во врска со овој протокол, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против КОВИД-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување на ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките.

На оваа седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести да се прифати барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортски во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12 годишна возраст натаму.

Владата денеска донесе измени и дополнувања на Протоколот за реализација на воспитно образовниот процес и донесе заклучок дека децата со посебни потреби или со пречки во развојот, можат да бидат ослободени од обврската за задолжително носење маска во училиштата доколку приложат лекарска потврда за нивната состојба.

Владата на Северна Македонија денеска ја прифати информацијата на Министерството за здравство дека ќе бидат обезбедени потребните количини дезинфекциони средства во изборните единици за претстојните локални избори како одговор на барањето на Државната изборна комисија.

На оваа седница Владата ја разгледа информацијата на Агенцијата за млади и спорт за потребата од основање самостојна независна Агенција за анти-допинг на Република Северна Македонија.

За оваа цел Владата ја задолжи Агенцијата за млади и спорт во рок од 6 (шест) месеци да иницира и оствари координативни средби со претставници на националните анти-допинг организации на земјите од непосредното соседство и Светската анти-допинг агенција (WADA) со цел размена на искуства од кои ќе произлезат препораки за најдобра пракса согласно релевантни индикатори по што ќе изготви компаративна анализа со можни решенија и препораки за организациската поставеност и фискалните импликации заради основање на Агенција за анти-допинг на Република Северна Македонија.

Основање на Агенција за анти-допинг произлегува и од обврските од Меѓународната конвенција за борба против допингот во спортот на УНЕСКО што нашата земја ја потпиша во 2008 година и која, меѓу другото, има за цел да ја намали фреквенцијата на допинг супстанци и останати забранети допинг средства и методи, да ја засили допинг контролата со примена на најнови технологии за неговото откривање, да ја гарантираат ефикасноста на санкциите кои се преземаат против оние кои применувале допинг, како и да соработува со спортските организации на меѓународен план во борбата против допингот.

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: