Започна Програмата „Dual Training“ - Вицепремиерот Анѓушев: Потребни се реформи во образованието за продуцирање на квалитетни и обучени кадри запотребите на стопанството

27 септември, 2017 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се обрати на конференцијата со која се одбележа почетокот на Програмата „Dual Training”, која ќе се спроведува преку Делегацијата на германското стопанство во Македонија во наредните три години.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев посочи дека во Македонија е невработено 48,7 % од активното младо население на возраст од 15 до 24 години, а дури 25 % од вкупниот број на невработени во евиденцијата на АВРМ е на возраст до 29 години. Резултатите од ПИСА тестирањето, кое го спроведува Организацијата за економска соработка и развој (OECD) на секои пет години, со кое се врши мерење и оценување на практично применливото знаење на учениците во образовниот систем во матичната земја, покажуваат назадување и ја рангираат Република Македонија помеѓу најлошите во конкуренција од над 60 земји во светот каде се врши тестирањето.

 

„Тоа покажува дека нешто треба да се менува во системот за образование и дека треба да се прифати германското искуство. Во Македонија сега речиси 95% од завршените средношколци се одлучуваат да го продолжат своето образование на универзитетите. Сметам дека нема економија која може да апсорбира 95 отсто високообразован кадар. Дуалното образование е трипл вин стратегија од која корист ќе имаат стопанството работниците и Владата“, нагласи Анѓушев.

Тој потенцираше дека Владата ќе се заложи да го имплементира системот на дуално образование во средното образование. Компаниите, ќе можат да стипендираат средношколци кои ќе имаат обврска веднаш по завршувањето да се вработат кај нив извесен период, а останатите ученици кои нема да бидат стипендирани ќе можат веднаш да го продолжат своето образование на универзитетите

Како што информира Мартина Колберг,  претставник на германското Министерство за економија и енергетика, проектот покрај во Македонија се спроведува и во Индонезија, Малезија, Виетнам, Хрватска и Босна и Херцеговина.

 

„Македонија е избрана заради потребите на германските автомобилски компании во земјава од квалификувана работна сила. Наша цел е задоволување на конкретната потреба на германските компании за работници, а не да им даваме совети на државите каков систем на образование им е потребген“ порача Колберг.

Таа посочи дека со системот за дуално образование се добива меѓународно признато образование со добра перспектива на домашниот пазар на трудот. 

 

Директорот на Делегацијата на германското стопаснтво во Македонија Патрик Мартенс истакна дека во земјава има 200 компании со германски капитал кои вработуваат речеси 15.000 лица кои на пазарот на трудот не можат да најдат специјализирани работници, бидејќи, како што кажа, државниот образовен систем не ги продуцира доволно.

 

„Со овој проект ќе им помогнеме на компаниите кои работат во индустријата да обезбедат стручен кадар со тоа што учениците уште за врема на своето средно образование ќе бидат подготвувани за работа во конкретна компанија“, посочи Мартенс и додаде дека ова е типичен пример за јавно-приватно партнерство.

Германскиот амбасадор Н.Е. г-дин Томас Герберих порача дека дуалното образование е образование ориентирано кон потребите на пазарот на трудот и е инвестирање во иднината и економијата и нагласи дека во Германија има поговорка која вели „занаетот е злато“.

„Дуалното стручно образование претставува паралелно образование во некоја фирма и компанија и е спој на образование и пракса, рече Герберих и посочи дека ваквиот вид на образование придонел за добрата економска состојба на Германија“, нагласи амбасадорот Герберих.

Денес е основана и Комисија за стручно образование во Република Македонија и доделени се сертификати на нејзините членови од страна на Делегацијата на германското стопанство во Република Македонија со што се официјализираше почеток на програмата „Dual Training”.

English
АКТУЕЛНОСТИ: