Вицепремиерката Царовска, заменикот министер Бајрактар и градоначалникот Богоев го посетија инклузивното детско игралиште во Карпош 2 - Покажавме и докажавме дека се грижиме подеднакво за развојот на сите деца

30 јуни 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев,  го посетија инклузивното детско игралиште во Карпош 2, коешто е опремено со реквизити и играчки за деца со попреченост и стандардни реквизити, за да можат сите деца заеднички да се дружат и забавуваат.

Вицепремиерката Царовска рече дека преку изградбата на инклузивните детски игралишта, во суштина со овој тип на хуманизација на просторот во локалните самоуправи, се овозможува да децата се развиваат, да растат во многу посоодветни услови. Дополнително се создаваат можност заеднички да се дружат, и децата со типичен раст и децата со атипичен раст, и тоа навистина ме радува, затоа што ние како Влада покажавме дека децата и лицата со попреченост се нашиот врвен приоритет, посочи Царовска.
„Покажавме дека можеме да немаме ниту едно дете во институција до 18 години. Но за да тие деца, можат да живеат поеднакво добро како и другите деца треба да имаат ваков тип на објекти, кадешто ќе можат заеднички да излегуваат со своите згрижувачи или своите родители и да се шетаат и да ги остваруваат своите детски права. Но исто така, ние се погриживме да се зголеми детскиот и посебниот додаток во нашата држава. Посебниот додаток се зголеми за некаде 15% и тоа директно влијае на подобрување на квалитетот на овие деца, но ако немаат содржини што да прават тогаш, навистина залудни се финансиските средства. Затоа, заедно со локалните самоуправи, работиме паралелно во унапредување на квалитетот на живот на нашите деца, и децата со типичен и децата со атипичен раст. Но и родителите исто така се навистина важни во овој процес. Затоа надоместокот за скратено работно време на родител што има дете со попреченост го зголемивме до нивото на 50% од просечна плата или 50% од неговата плата до максимум 50% од просечната плата, за разлика од порано кога тие добиваа само 4.900 денари. Исто така целиот систем на социјална заштита се унапредуваше и конечно добивме и можност да родителите на децата коишто живееле со детето, не го оставиле во институција, не се откажале од него, а притоа не работеле и не остваруваат право на пензија со навршување на 62/64 години остварат  траен надоместок од 8.000 денари и понатаму да го примаат. Тоа е во суштина на некој начин материјално обезбедување на сите родители коишто се грижеле за своите деца и не ги оставиле во институција затоа што ние сметаме дека најдобро за секое дете, независно дали е со типичен или атипичен развој да остане во своето семејство и заеднички да се развива во локалните самоуправи. Продолжуваме на истиот начин да инвестираме во сите деца, затоа што се грижиме за нив и затоа што сметаме дека тие се иднината и тие се генерациите коишто понатаму ќе ја водаат оваа наша држава кон европски стандарди и оние коишто ќе ни обезбедат на сите нас да живееме достоинствено“, потенцираше вицепремиерката Царовска по посетата на инклузивното детско игралиште во Карпош 2.

Градоначалникот Богоев кажа дека општина Карпош претставува околина која поеднакво води грижа за потребите и проблемите за сите нејзини граѓани, а инклузивното изгралиште коешто го посетија со вицепремиерката, изградено во населбата Карпош 2, е токму одлика на една заедница каква што е  и треба да биде целата општина.
„Тука имаме и реквизити кои се прилагодени за дечиња со попреченост и стандардни реквизити, се со цел сите заедно да можат да се дружат. Оваа локација е избрана бидејќи реонското училиште „Вера Циривири Трена“, коешто е основно училиште за Карпош 2, има најмногу евидентирани запишани дечиња со попреченост и од тука сметаме дека ова игралиште ќе добие најголема искористеност. Полека, но сигурно, ние како општина ја прилагодуваме урбаната опрема и целата опрема која се поставува на територијата на општината да биде корисна за сите групи на граѓани, па така покрај ова направивме и исто вакво, но уште поголемо инклузивно игралиште во населбата Влае до плоштадот Делфина. Практично поддршката која општината ја дава на граѓаните со попреченост коишто се граѓани на општината, е сеопфатна, односно имаме направено и неколку сензорни соби во основните училишта на територијата на општина Карпош како и пристапна рампи за лица со попреченост во истите тие училишта. Дополнително неколку пати годишно и финансиски ги поддржуваме и лицата со попреченост, но и правни лица и здруженија на граѓани или невладини организации  коишто се занимаваат со оваа тематика и ги помагаат лицата со попреченост. Мојата цел како градоначалник и целта на општината е континунирано да продолжиме да ја унапредуваме состојбата на овие наши сограѓани и целта е во наредните неколку години практично да не речам сите, меѓутоа мнозинството од детските игралишта коишто ги имаме на територија на општина Карпош да бидат прилагодени за сите граѓани вклучително и за граѓаните и дечињата со попреченост. Сите 10 основни училишта кои сега примаат дечиња со попреченост да имаат сензорна соба кадешто на овие игралишта и во овие сензорни соби покрај тоа што ќе можат нашите сограѓани и дечињата да се релаксираат ќе можеме и сите да научиме како граѓани да бидеме толерантни и да ги прифатиме различностите коишто сите не прават да бидеме едно поубаво општество и една поубава општина“, нагласи градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

 

 

Линк до инсерти од посетата на инклузивното детско игралиште и изјави на вицепремиерката Царовска и градоначалникот Богоев:

English
АКТУЕЛНОСТИ: