Вицепремиерката Царовска и директорот Каевски на средба со студенти – Донесени се мерки со кои значително се подигнува квалитетот на студирање и се подобрува животниот стандард на младите лица

9 јули 2020


Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, денес во кругот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“, остварија средба со група на студенти, со кои зборуваа за Владините младински и образовни политики. 

Вицепремиерката Царовска посочи дека студентите, односно младите лица, во изминатиот период  несебично помогнаа да се донесат политики коишто ќе го подобрат стандардот на младите. 

„Заеднички успеавме да ја донесеме „младинската гаранција“, да ја имплементираме и да имаме огромен успех, заради тоа што ги постигнавме индикаторите, коишто ги постигнуваат европските развиени земји. Од вкупно вклучени околу 20-тина илјади млади лица, минатата година повеќе од 6.300 веќе се вработија преку „младинската гаранција“. Исто така сакаме да ги видиме младите во реалниот сектор, во производството и затоа го воведовме и младинскиот додаток во консултација со младите лица и тие денес добиваат 3.000 денари дополнување на нивната плата секој месец и тоа го добиваат повеќе од 5.000 млади лица. Ова навистина укажува дека нивниот животен стандард расте. Зборувавме со студентите кои се можностите за унапредување на читалните, на процесот на образование, на вклучување на повеќе демонстратори и асистенти во високото образование. Навистина тие се онаа критична група на граѓаните којашто треба заедно со сите нас да ги донесат промените во нашето општество. Јас сум горда кога слушам како тие размислуваат, на кој начин го гледаат нашето општество и секоја средба со младите и со студентите ни дава дополнителна енергија и сила за заеднички движиме кон подобра држава, кон подобро општество. Тие исто така  укажаа дека се чувстуваат многу слободно сега и дека чувствуваат дека секогаш може да го кажат своето мислење, независно дали е критичко или поддржувачко мислењето и тоа укажува дека ако студентите  се слободни, ако младите се слободни тогаш и нашето општество е демократско“, нагласи вицепремиерката Царовска по средбата со студентите.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, истакна дека во изминатиот период е направено многу во подобрување на студентскиот стандард и студентската инфраструктура, при што истакна дека сите програми, проекти и мерки за студентите се произлезени од самите студенти, кои најдобро знаат што им е потребно и што би им било корисно за време на студентскиот циклус.

„Навистина ми е драго што младинската невработеност се повеќе се намалува, со што покажуваме сериозна грижа кон младите лица. Дополнително, за младите лица, овозможивме голем број на попусти, поволности, европската младинска картичка е нешто што се спроведе од Агенцијата за млади и спорт. Организирани се голем број на претриемачки обуки, обуки за ИТ вештини, се со цел младите да ги направиме достапни до пазарот на трудот, за да можат полесно да најдат квалитетно работно место. Како институции сме отворени, знаеме да го слушаме гласот на младите и знаеме да работиме во интерес на младитеи студентите. Во периодот кој следи, ќе ставиме уште посилен акцент на мерките за студентите, за подобрување на студентската инфраструктура, студентските домови, за да го направиме безгрижно нивното студирање“, посочи директорот Каевски.

 

 

Линк до видео со изјави на вицепремиерката Царовска и директорот Каевски:

English
АКТУЕЛНОСТИ: