Вицепремиерот Анѓушев: 2018 и 2019 се години кога треба да се препознаат можностите и да се реализираат нови инвестиции

20 февруари, 2018 година

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев присуствуваше наРаботната средба за презентација на активностите на Клубот на консултанти“ при Стопанската комора на Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Република Македонија долго време беше препознавана како земјоделска земја, од која претежно се извезуваат вино и земјоделски производи, a во помал обем висококвалитетни индустриски производи.  Структурата на извозот е променета и се поголемо учество во вкупниот извоз зафаќа извозот на телекомуникациски, информациски и комуникациски услуги, како и технолошки поразвиени производи.

„Вие консултантите, заедно со претставниците на научната и стручната фела,  сте тие кои што треба да направат исчекор и да влијаат на промените во индустријата и производството. Преку овој Клуб, Стопанската комора како и многу пати досега точно ги препознава насоките каде треба да се движи македонската економија и во таа смисла помага во развојот на економијата. Соработка со компанијата AF-Consult Switzerland е добар пример, како преку соработка со реномирани меѓународни компании,  користејќи ги локалните ресурси и знаења што ги имаме,  придонесуваме за развој на локалната индустрија, но и за извезување условно кажано памет во светот“, подвлече потпретседателот на Владата Анѓушев.

Вицепремиерот посочи дека Владата во својата економска програма има детерминирано  значителни средства за иновативни проекти и за технолошки развој на компаниите во така наречениот трет столб од Планот за економски раст, мерки кои што ќе бидат спроведувани преку Фондот за иновации и технолошки развој. Овие мерки поддржуваат развојни проекти, воведување стандарди и добивање на соодветни сертификати за работа на малите и средни претпријатија.

„Ако некој денес сака да развие некоја нова иновативна услуга или производ, државата ќе партиципира 70 % во развојот на тој проект, што верувам дека претставува поддршка каква што нема на друго место во светот. Исто така за брзорастечките компании, во Планот е предвидено да се изврши поврат на 30% од инвестицијата во основни средства за работа на фирмите. Значи, ако сте компанија и покажувате раст, а сакате и понатаму да растете и да купите хали и машини, државата ќе ве поддржи со 30% од вкупните вложувања . Тоа е една добра платформа врз која ќе се развиваат високотехнолошки производи и услуги во Република Македонија “, потенцираше Анѓушев.

Вицепремиерот ги повика стопанствениците да го искористат моментумот  затоа што 2018 и 2019 се годините кога треба да се препознаат можностите и во кои треба интензивно да се инвестира.

Клубот на консултанти/експерти, обединува експерти од повеќе различни области вклучувајќи ги помеѓу другото енергетиката, индустријата и инфраструктурата.

Воедно, на средбата беше потпишан договор за соработка помеѓу Клубот на консултанти и меѓународната консултантска куќа „AF-Consult Switzerland Ltd“.

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: