Вицепремиерот Анѓушев на Собраниска комисија за економија – Финаниска поддршка за текстилната и кожарската индустрија ќе може полесно да аплицираат за мерките од Планот за економски раст

19 април, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања денес се обрати на седницата на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, за време на второто читање на Предлог Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Коментирајќи го амандманот на Предлог Законот, поднесен од пратеничката Лидија Тасевска, а на барање на текстилната и кожарската индустрија, вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека со овој амандман се овозможува компаниите од овие индустрии да аплицират за државна поддршка во согласност со Законот и притоа да го исполнат основниот услов за зголемување на годишниот приход, но не и за задржување на истиот број или зголемување на бројот на вработени.

„Моментално производството во текстилната и кожарската индустрија во најголем дел е лон производство и потребно е да се направат нови инвестиции, за да се осовремени производството и да се набават нови машини. Перспективно, на долг рок, доколку се продолжи со ваков тип на производство, овие индустрии ќе ја изгубат борбата на светскиот пазар, секогаш ќе се најде место кадешто може да се произведува поефтино. Сакаме овие индустрии, кои се најранливи, да инвестираат во технолошки развој, за да бидат поконкурентни на пазарот, а вработените да имаат повисоки примања, да не ја претставуваме Република Македонија како земја на евтина работна сила“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се создава транспарентен, праведен систем на државна помош преку кој сите компании кои прикажуваат успех во работењето добиваат ист третман, а се оневозможува правото на дискреција на било кое лице од извршната власт.

„Досегашниот систем на поддршка ги потенцираше странските инвестиции, но покажа многу слабости. Ние ги поздравуваме инвестициите од странство и како Влада ќе работиме на привлекување на нови реномирани компании да реализираат проекти во Република Македонија. Еден од недостатоците се отсликува во отворањето на работни места во компаниите, па анализите покажуваат дека преку 60% од отворените работни места не се нововработени, туку преземни лица од други компании, кои пак вложувале во нивна обука и вештини. Анализите кои ги направивме, покажуваат дека ако го аплицираме Законот на веќе постоечките компании кои работат во зоните, знаејќи како работат, овие компании дури би добиле поголема поддршка од претходно. Три компании, од вкупно 23, би добиле пониска поддршка,а тоа се компании кои што освен што се ослободени од плаќање на персонален данок и данок на добивка за 10 години, се ослободени и од плаќање на придонеси за социјално и здравствено осигурување. Ослободувањето од персонален и данок на добивка е нешто кое го оправдуваме, затоа што ако инвестицијата не се рализира ионака нема да го имаме како приход во буџетот, но ослободувања од здравствени и социјални придонеси нема да дозволиме, сепак тоа се средства кои се наменети за подобро здравство, образование, па и за пензија на оние кои го одработиле работниот век“, потенцираше Анѓушев.

Тој ја повика опозицијата за конструктивно делување при носење на Законот, кој е усогласен со целата академска и бизнис заедница, со цел побрзо донесување и овозможување на компаниите да ги користат придобивките од мерките предвидени со Законот.

English
АКТУЕЛНОСТИ: