Вицепремиерот Анѓушев во посета на Штип – Владата преку законот за финансиска поддршка на инвестициите и други мерки ќе го поддржи равојот на текстилната и кожарската индустрија

06 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев денеска оствари работна посета на Штип при што се сретна со менаџментот на текстилната компанија Албатрос како и со сопствениците на фабриката Актива, која работи во градежниот и метало-преработувачкиот сектор.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека преку спроведувањето на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите и мерките донесени на последната седница на економско – социјалниот совет, силно ќе го поддржи развојот на текстилната и на кожарската индустрија, затоа што растењето и развојот на оваа индустрија е во интерес на Република Македонија.

„За да текстилната и кожарската индустрија одат напред, потребни се неколку работи. Прво, важно е да се зголеми нивото на автоматизацијата и технологијата на работа, за што државата ќе помогне со новиот закон на којшто дадовме амандман и поволности да кожарската и текстилната индустрија добијат поврат на инвестицијата, без задоволување на критериумите како другите индустрии. Тоа е многу важно. Исто така, во законот и во мерките кои се предвидени преку Фондот за иновации и технолошки развој, се отвора простор за правење нови колекции, како и изградба на развојни центри во делот на текстилот“, посочи Заменик претседателот.

Со цел да може текстилните компании да ги искористат своите потенцијали до максимум, владата ги олесни критериумите за аплицирање за стимулативните мерки од Планот за економски раст, мерка за којашто менаџерите од оваа индустрија веруваат дека ќе ги направи поконкурентни.

„Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, посебно со усвојување на амандманот за олеснување на критериумите за аплицирање, ќе можат да се користат средства за што наидовме на големо разбирање и поддршка од Владата. Со тоа домашните компании ќе имаат пристап до овие фондови и тоа ќе има позитивен ефект на текстилната индустрија“, истакна Маријана Перковска, претседателка на текстилниот кластер.

Вицепремиерот ја посети и компанијата Актива којашто е успешен пример за домашен добавувач на Ван Хоол, странска компанија која работи во технолошко индустриската развојна зона во Скопје. Бизнис моделот на оваа македонска компанија е добар пример којшто треба да се следи и применува и кај другите производствени компании. Од 2000 година, кога оваа компанија броеше само 50 вработени, со годишен приход од околу 1 милион евра, со стратешкиот развој денес има 450 вработени и годишен приход од околу 30 милиони евра.

Претставниците на компанијата ги претставија своите планови за понатамошен развој, при што вицепремиерот потенцираше дека преку мерките од Планот за економски раст, сега и фирми каква што е Актива, успешни компании со домашен капитал, ќе може да аплицираат за директна финансиска поддршка од државата.

Притоа, тој посочи дека со овие мерки ќе се овозможи поврат во висина од 10% од инвестициите кои ќе ги реализира компанијата, дополнителни 10%, доколку со тие инвестиции се овозможи зголемена конкурентност на нови пазари. Дополнително, во насока на растот на платите на вработените во индустријата и поттикнување на нови вработувања, Владата ќе овозможи поврат од 20% од исплатена нето плата повисока од 18.000 денари, за нововработените лица.

Видео од изјавата на вицепремиерот Анѓушев во компанија Албатрос: 

Видео од посетата на вицепремиерот Анѓушев на компанијата Актива:

English
АКТУЕЛНОСТИ: