Вицепремиерот Анѓушев на собраниската комисија за економија – усвоен амандман на законот за енергетика за дополнителна заштита на потрошувачите и подобрување на услугите

14 мај, 2018 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, се обрати на седница на собраниската комисија за енергетика, на која во второ читање се рагледуваше Законот за енергетика.

На седницата е усвоен  амандман на членот 28 со кој се додава нов став,  предложен од група на пратеници, а во насока на повисока заштита на правата и интересите на потрошувачите и корисниците на системите за пренос и дистрибуција на енергија, како и заради креирање на мерки за поттикнување на ефикасноста во работењето.

На овој начин, преку Законот за енергетика, операторите на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија  се должни, на начин утврден со соодветни мрежни правила, да доставуваат секоја година до Регулаторната комисија за енергетика извештаи со статистички податоци за непрекинатост на испораката на енергија и за квалитетот на услугата, како и за бројот на приговорите од корисниците на системите и потрошувачите што се однесуваат на непрекинатост во испораката на енергија и за квалитетот на услугата.

Вицепремиерот го поздрави предлогот на пратениците и посочи дека со вметнувањето на амандаманот се добива подобар текст на Законот преку чија имплементација ќе се подобрува квалитетот на услугата за крајните потрошувачи.

„Досега, конторолор на квалитетот на услугите кои ги даваат операторите беше единствено Регулаторната комисија. Регулаторната комисија имаше задача да ги воспостави и следи индикаторите SAIFI (Индикатор за просечен број на прекини во дистрибутивниот систем) и SAIDI (Индикатор за просечно времетраење на прекин по потрошувач) и согласно добиените податоци да интеревенира за да го подобри нивото на услуга на операторите. Регулаторната комисија за енергетика, тоа не го правеше и затоа е добро оваа обврска на комисијата да биде законски регулирана, а не да се остава на добра волја и желба на комисијата“, посочи Анѓушев.

Вицепремиерот потенцираше дека со вметнувањето на амандманот, Регулаторната комисија за енергетика добива силен механизам со кој ќе се зајакне контролата на квалитетот на услугата на операторите на дистрибутивната и преносната мрежа кон крајните потрошувачи. Операторите ќе доставуваат  извештаи за поплаките кои ги добиваат од граѓаните и во однос на тие извештаи ќе мора да го подобруваат квалитетот на услугите. Доколку операторите не интервенираат во насока на подобрување на услугите кон крајните поторшувачи, Регулаторната комисија за енергетика добива право да одземе дел од приходот на операторите на дистрибутивната и преносната мрежа, согласно Законот.

English
АКТУЕЛНОСТИ: