Вицепремиерот Aнѓушев и Mинистерот Николовски на Конференција за осигурување во земјоделството – јасна регулатива, повисока свесност и високо ниво на професионалност потребни да се подобри состојбата во осигурувањето во земјоделскиот сектор

Реформи во осигурувањето во земјоделството, интервенции во законските норми кои ја регулираат оваа дејност, јасни правила и поголема информираност на земјоделците се главните поенти на денешната „Конференција за осигурување во земјоделството“, која ја отворија вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека развиеноста на една држава се гледа и преку свесноста на стопанството и граѓаните од значењето на осигурувањето, односно за намалување на ризикот. Во развиените земји, свесноста за значењето на осигурувањето е на високо ниво, нагласи Анѓушев и додаде дека во Република Македонија резултатите во 2018 година се малку подобри од претходните години, како и дека постои голем простор за подобрување на оваа дејност .

„За развојот на осигурувањето како дејност потребно е исполнување на два главни предуслови, а тоа се подигнување на свесноста на стопанството и граѓаните за производите кои ги нуди осигурителниот сектор, како и стабилни, професионални осигурителни компании кои секогаш кога ќе настане штета одговорно и навремено ќе извршат надомест на штетата.  Мора да се креираат јасни правила и критериуми  во осигурителниот сектор, за да расте довербата во осигурувањето кај граѓаните и стопанството,  да се зголемува бројот на полиси, да се намали ризикот, а со тоа ќе расте обемот на дејноста на осигурувањето. Професионалното работење на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, добро поставени и јасни правила и критериуми, како и договори без ситни букви , се гаранција за земјоделците, кога ќе настане штета,  дека ќе им биде исплатен оној износ кој тие го имаат осигурано во нивната осигурителна полиса“, подвлече Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека министерството веќе работи на среднорочна и долгорочна стратегија за решавање на проблемите во земјоделството кои се случуваат поради  климатските промени, а една од приоритетните политики е зголемување на осигурувањето на земјоделското производство.
 „Како Влада сметаме дека осигурувањето во земјоделството мора да се издигне на повисоко ниво. Податоците покажуваат пораст на апликации за мерката за покривање на  60 % од трошоците за осигурителна полиса. Ако лани аплицирале 1.500 земјоделци, оваа година конкурирале над 3.000 земјоделци. Но,секако иако трендот е во пораст не може да бидеме задоволни, затоа што оваа алатка мора да ја градиме заедно и да функционира  кај поголем број земјоделци, особено ако имаме предвид дека има околу 70 илјади земјоделци и регистрирани земјоделски стопанства. Разгледуваме два странски модели за развивање на осигурувањето, турскиот и шпанскиот кои би можеле да се применат кај нас“, изјави министерот Николовски.

 При тоа Николовски потенцираше дека само за обештетувањата од ланските временски непогоди се исплатени 4,5 милиони евра, пари кои би можеле да се насочат кон развојни мерки за поддршка на секторот и спроведување на механизми за заштита од климатски промени.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето  Климе Попоски рече дека во Република Македонија работат 11 друштва за неживотно осигурување и 5 друштва за осигурување на живот. При тоа 8 осигурителни компании нудат производи за земјоделско осигурување.

„Земјоделското осигурување како дел од имотното осигурување завзема 2% д вкупната пласирана премија. Од вкупно регистрираните земјоделци, само 4% се осигурени со полиса за земјоделско осигурување. Дури 85% од земјоделците кои купиле полиса за осигурување се корисници на финаниска помош за субвенционирање на премиите за осигурување“, нагласи Попоски.

На конференцијата од страна на реномирани експерти од оваа област, беа презентирани и моделите за осигурување во земјоделството во Република Турција и Кралството Шпанија, од кои модели би можеле да се извлечат корисни насоки за унапредување на земјоделското осигурување во нашата земја.

 

Линк до видео од обраќањето на ЗПВРМ Анѓушев:

 

Линк до видео од обраќањето на МЗШВ Николовски:

 

Линк до видео од обраќањето на претседателот на Советот на експерти во АСО Климе Попоски:
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: