Вицепремиерот Aнѓушев и министерот Бектеши од Министерскиот совет на Енергетската заедница: Владата посветено ги спроведува реформите во енергетскиот сектор

Денес, во рамките на претседавањето на Република Македонија со Министерскиот совет на Енергетската заедница, во Скопје се одржа 16 состанок на ова тело, кадешто учествуваа претставници од Европската комисија, Секретаријатот на Енергетската заедница и повеќе министри задолжени за економија,  енергетика и животна средина од земјите потписнички на договорот за формирање на ЕЗ. 

Вицепремиерот Анѓушев на прес конференцијата организирана по завршувањето на состанокот истакна дека Енергетската заедница обезбедува значителна поддршка на земјите во регионот за усогласување на националните со европската енергетска легислатива. 

„Енергетското живеење не се ограничува во физичките граници на државите, потребен е поширок,  регионален пристап и Енергетската заедница многу помага во тој процес. Енергетските проекти кои се однесуваат за енергетско поврзување со соседните земји се наоѓаат на приоритетната листа на ЕЗ, што подразбира дека за овие проекти полесно би можеле да се обезбедат средства од меѓународните финансиски институции за нивна реализација. Станува збор за проектот за изградба на далекуводот помеѓу Битола и Елбасан, како и за проектот за гасно поврзување помеѓу Република Македонија и Грција, кои ќе направат дополнителен импакт за подобро енергетско поврзување со соседните земји “, подвлече Анѓушев.

Анѓушев додаде дека  Енергетската заедница го подржала и донесувањето на новиот Закон за енергетика, преку кој се овозможува зголемено учество на обновливите извори во вкупното производство на електрична енергија. Со донесување на подзаконските акти во согласност со Законот, ќе се овозможи изградба на фотоволтаични и ветерни електрани врз база на Премиум тарифи, во 2019 година се очекува интензивна изградба само на  фотоволтаични електрани со инсталирана моќност од околу 200 мегавати, односно изградба на електрани од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност до 350 мегавати. 

Заблагодарувајќи се на плодната дискусија во текот на 16-от состанок на Министерскиот совет на ЕЗ како претседавач, министерот за економија Бектеши ги нагласи достигнувањата во текот на оваа година. 

„Согласно насоките од претходниот Министерски состанок, а во интензивна комуникација со Секретаријатот на Енергетската заедница и Кабинетот на заменик претседателот Анѓушев, изготвивме Водич за Генералните политики за целите до 2030 година, од аспект на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и намалувањето на емисиите на стакленички гасови, кој денеска го усвоивме на тукушто завршениот Министерски Совет. Овие цели треба да бидат во согласност со целите на ЕУ за 2030 година, да претставуваат еднакви амбиции за Договорните страни и да ги земат предвид релевантните социо-економски разлики, технолошкиот развој и целите на Парискиот договор за климатски промени. Покрај тоа, земјите - потписнички на Енергетската заедница развиваа политики за поефикасна примена на обновливите извори на енергија, со цел поуспешна практична имплементација на новите политики кои се пазарно ориентирани. Исто така, интензивно се работеше и на спојување на пазарите на електрична енергија кај земјите од Западен Балкан, а Република Македонија потпиша и Меморандум за разбирање со Република Бугарија. А каде бевме како земја пред 1 година?! Имавме судски спорови, заостанувавме зад останатите договорни страни, немавме реализирано бројни превземени обврски, иако сме меѓу најстарите потписнички на овој Договор. За оваа година успеавме максимално да го искористиме претседателството и да се позиционираме меѓу лидерите“, рече Бектеши, воедно честитајќи му го повторниот мандат на директорот на Секретаријатот на ЕЗ, Јанез Копач.

Директорката за енергетска политика во Европската Комисија, г-ѓа Меган Ричардс, ја истакна значајноста на Министерскиот совет, кој на едно место обединува повеќе министри задолжени за енергетика и за заштита на животната средина, кои дискутираа за енергетската транзиција и владеењето на правото за ефикасни енергетски политики во регионот.

„Една од темите за кои разговаравме денес беше унапредување и модернизација на Договорот за Енергетска заедница, кој Европската Комисија, по даден мандат од Советот на ЕУ, треба да го унапреди со вметнување на елементот на реципорцитет помеѓу двете групи, за поефикасна и подобра примена на правилата“, рече Ричардс.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, потенцираше дека по подолго време во Македонија се случуваат потребните енергетски реформи. Тој ги поздрави активностите на Владата во оваа насока, при што истакна дека сега реформите се реализираат едноставно и брзо и дека со тоа се овозможува подобра енергетска иднина на земјата.
 

Линк до видео од изјавите на вицепремиерот Анѓушев, министерот Бектеши, директорката за енергетска политика на Европската комисија г-ѓа Меган Ричардс и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач: 

АКТУЕЛНОСТИ: