Средба Aнѓушев-Брегу: со посилна регионална соработка стануваме поатрактивни за ЕУ

21 јануари 2019

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, се сретна со ново избраниот генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council), г-ѓа Мајлинда Брегу, поранешна пратеничка во албанскиот парламент, министер и портпарол во Владата на Република Албанија.

Вицепремиерот и честиташе на г-ѓа Брегу за изборот, посака успех во работата, пришто потенцираше дека РСС, како мост помеѓу Европската Комисија и Владите на земјите од Западен Балкан, може многу да придонесе за економски развој на регионот.

Анѓушев истакна дека Владите од регионот, со поддршка на РСС и Европската Комисија, треба да продолжат со активностите за подобро меѓусебно инфраструктурно поврзување, но и дека треба да се фокусираат на активности кои не чинат премногу средства, а значително ќе ја раздвижат меѓусебната трговска размена, како што се надминување на административни бариери и воспоставување на авио линија помеѓу главните градови. Тоа ќе ја зголеми атрактивноста за развивање на бизнис помеѓу земјите, но и мобилноста на човечкиот потенцијал, туризмот, културата и др. 

Соговорниците се согласија дека со поинтенизивна регионална соработка, регионот станува поатрактивен за Европската Унија. Токму во таа насока, главен фокус на РСС ќе биде ставен на имплементација на мерки за подобро поврзување, зголемена трговска размена, инвестиции и на дигитализацијата. 

Како приоритети во нејзиниот мандат, г-ѓа Брегу истакна дека ќе биде стандардизирање на стручните занимања во земјите во регионот за поголема мобилност на кадарот како и пониски цени за роаминг услугите во земјите за регионот, активности кои ги идентификува како особено важни за поттикнување на економската соработка.

 

English
АКТУЕЛНОСТИ: