Вицепремиерот Анѓушев на презентација на проектот BIMcert – преку европски фондови до повисоки стандарди во градежниот сектор

4 февруари 2019

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претријатие за државни патишта Зоран Китанов, присуствуваа на отворената сесија на состанoкот на конзорциумот на Проектот „BIMcert“, кој во нашата земја се спроведува преку Научниот институт за истражувања во градежништвото, животната средина и енергетиката (ИЕГЕ-Скопје).

Проектот е поддржан со средства од програма на Европската комисија за технолошки развој и иновации „Хоризонт 2020“, за подигнување на квалитетот и усовршување на капацитетите во градежништвото во Македонија, во вредност од 1,25 милиони евра. 

Вицепремиерот во своето обраќање на настанот, нагласи  дека суштината на овој проект е да се изврши имплементација на BIM (Building Information Modeling) системот во градежништвото, како добра пракса во земјите во Европската Унија. 

„Овој проект има неколку цели. Една цел е дигитализација на градежништвото, како основа на четвртата индустриска револуција, односно имплементација на дигитални технологии уште од фаза на проектирање на објектите, следењето на процесот на градба, животниот век на објектите, финансиско следење и енергетската ефикасност на објектите се до фазата на демолирање на објектите. Втората цел е подигнување на нивото на енергетска ефикасност во градежните објекти. Заштедата на електрична енергија е речиси исто толку важна колку и самото производство на енергијата. Нашата земја силно се приклучува кон трендот на зголемување на енергетската ефикасност и во таа насока во подготовка е Законот за енергетска ефикасност. Трета цел е заштитата на животната средина и користење на материјали со кои ќе се зачува околината и ќе се овозможи подобра еколошка средина за граѓаните“, подвлече Анѓушев.

Вицепремиерот  нагласи дека во 5-те земји во кои ќе се спроведува проектот се очекува вклучување на 250 мали и средни претријатија, со вклучување во процес на обука на над 2000 професионалци од градежниот сектор, од кои се очекува создавање на над 1000 стручни лица кои би можеле да го имплементираат BIM во градежниот сектор.

„Се надевам дека нашите компании, научни установи, професионалци од градежниот сектор ја препознаваат можноста која ја нуди проектот, ги повикувам да ги искористат сите бенефити од него. Треба да разбереме дека никој со сила не може ништо да ни даде, туку да ги искористиме дадените можности. Бидете проактивни, соработувајте со ИЕГЕ, а со тоа и со меѓународните партнери за да го исползуваме бенефитот за општеството преку имплементација на проектот“, порача вицепремиерот на присутните.

BIM (Building Information Modeling) претставува дигитална технологија која е креирана во функција на еколошката одржливост на градежниот сектор и е најефикасна алатка за постигнување на потребната енергетската перформанса на зградите. Со тие карактеристики, БИМ претставува технологија чија што примена е во согласност и во поддршка на стратешките правци на земјата за дигитализација на стопанските сектори според глобалните правци на технолошкиот развој, како и за постигнување на целите за одржливост во енерегетскиот сектор, пред се, на енергетската ефикасност според нормите на ЕУ.

Партнери во имплементација на проектот „BIMcert“ се седум научни институти, помеѓу кои е и Научниот институт за истражувања во градежништвото, животната средина и енергетиката (ИЕГЕ-Скопје), а проектот го предводи Belfast Metropolitan College, Велика Британија. Проектот освен во Македонија, ќе се имплементира во Велика Британија, Република Ирска, Португалија и Хрватска.
 

Линк до видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев:  

АКТУЕЛНОСТИ: