Премиерот Заев од пленарната сесија на Шефови на Влади од ЦИЕ и НР Кина 16+1: Силно ја поддржуваме иницијативата 16+1, имаме огромен потенцијал да ги унапредиме економските и бизнис партнерствата

12 април 2019

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев предводи владина делегација во состав со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и министерот за култура, Асаф Адеми на 8-иот Самит на Шефови на Влади од ЦИЕ и НР Кина од процесот 16+1 којшто оваа година се одржува во Дубровник, Република Хрватска. Во рамки на овој Самит, премиерот Заев учествуваше на пленарната сесија на којашто се обратија премиерите на земјите учеснички на самитот.

„Република Северна Македонија силно ја поддржува иницијативата 16+1. Веруваме дека има огромен потенцијал за да ги унапредиме нашите партнерства, но и да креираме нов економски и бизнис потенцијал. Соработката на НР Кина со земјите од ЦИЕ е одлична платформа и дополнителен канал за комуникација и соработка на нашата земја со НР Кина во повеќе различни сектори. Република Северна Македонија го финализира своето членство во НАТО оваа година и сме фокусирани на отворањето на преговорите со Европската Унија и во тој правец иницијативата 16+1 е комплементарна со овие наши напори“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Премиерот Заев посочи дека нашата земја има бенефит од зајакнувањето на билатералните односи со НР Кина и во тој правец посочи на двата инфраструктурни проекти кои произлегуваат како резултат на иницијативата 16+1, продолжува изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а наскоро се очекува и официјално пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип кој се наоѓа во финална фаза на изградба.

„На 30-ти и 31-ви октомври 2018 година во Скопје успешно беше реализиран „5-иот Тинк танк Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина. Ова беше прв настан од ваков тип организиран во нашата земја. Симпозиумот имаше 4 панели на дискусија кои беа исклучително продуктивни, со конкретни предлози и решенија. На маргините на овој симпозиум беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу нашата академија на науки и уметности МАНУ и кинеската академија за општествени науки (CASS). Од 19-ти до 21-ви ноември оваа година во организација на Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина ќе се одржи „4-иот форум за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина“. 
Во таа насока Координативниот центар за културна соработка лансираше веб платформа којашто ќе користи за комуникација и координација на институциите од културата на 17-те земји и треба да обезбеди компатибилност и комуникација помеѓу софтверските програми на националните културни установи, односно тоа е алатка за директна комуникација и размена на информации помеѓу нив“, соопшти премиерот Заев.

На крајот од своето обраќање премиерот Заев посака добредојде на нашата пријателска соседна земја Грција која се приклучува кон иницијативата и станува седумнаесетта земја членка на процесот од соработка на НР Кина со земјите од ЦИЕ.

„На Западен Балкан му претстои долг пат на кој треба да работиме за унапредување на патната и железничката инфраструктура, на енергетска трансформација кон поголема употреба на обновливи извори на енергија и смарт дигитални технологии, области во кои Кина многу брзо напредуваше. Силно сум уверен дека денешниот Самит ќе обезбеди солидна платформа за зајакнување на нашата соработка, а посебно нашите економски врски земајќи го во предвид фактот дека НР Кина ја шири економската соработка со земјите од регионот“, посочи премиерот Заев на крајот од своето обраќање на пленарната сесија на Шефови на Влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина и изрази благодарност до премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ за гостопримството и одличната организација на Самитот.


Линк до видео инсерти од отворањето на Самитот:

Линк до видео инсерти од пленарната сесија:

АКТУЕЛНОСТИ: