Вицепремиерот Анѓушев, МЗШВ Николовски и директорот на АФПЗРР Бабовски ги доделија решенијата за програмата за рурален развој на општините – обезбедени 38 милиони евра за 202 проекти за рурален развој

8 јуни 2019


Преку Програмата за рурален развој, која се спроведува од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, од буџетот на Република Северна Македонија, обезбедени се финансиски средства од околу 38 милиони евра, за реализација на 202 проекти во сите општини и плански региони Со овие средства директно ќе се овозможи подобрување на условите за живот во малите општини и руралните средини.

Денес во Владата на Република Северна Македонија, вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, доделија решенија од Програмата за рурален развој на дел од општините и планските региони.

Вицепремиерот за економски прашања потенцираше дека реализацијата на оваа програма е дел од заложбите на Владата за постигнување на рамномерен регионален развој и подобрување на условите за живот граѓаните во сите населени места во државата.

„Преку Програмата за рурален развој за општините, опфатени се сите општини и плански региони во државата, со што овозможуваме реализација на проекти со кои практично одиме чекор напред да ја направиме Северна Македонија земја без кал. Со реализација на проектите ќе се подобрат условите за живот на граѓаните во руралните средини и ќе ги доближиме условите за живот како во урбаните, градски средини. Преку реализација на 202 проекти се планира изградба и реконструкција на патишта кои поврзуваат населени места, патишта и улици во самите места, уредување на туристички дестинации и излетнички места, канализациони и водоводни системи, како и уредување на пазари во определени места“, потенцираше Анѓушев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека со денешното потпишување на решенијата се заокружува целата процедура и општините можат да пристапат кон спроведување на јавни набавки и склучување на договори  за почеток на градежните работи за проектите. 
„Програмата за рурален развој си го наоѓа своето место, а  средствата од граѓаните надвор од она што го правиме во делот на ИПАРД ќе се слеваат во општините односно ќе бидат за капитални инвестиции коишто се потребни за граѓаните, за локалната самоуправа и за руралните средини, коишто ќе придонесат во делот на развојот на економијата, на земјоделството во регионите. Ова се дополнителни 38 милиони евра коишто ќе бидат инвестирани во капитални инвестиции за потребите кои се најважни за граѓаните“, изјави министерот Николовски.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, појасни дека во изминатиот период имаше континуирани состаноци со сите градоначалници, се со цел, проектите кои ги доставуваат да бидат квалитетни и соодветни на програмата како и да ги имаат сите потребни документи. 
„Сега е ред општините согласно инвестицијата да предвидат јавна набавка, да го предвидат трошокот во буџетите, одлуките да се изгласаат на Советот на општината, по што ќе ги распишат тендерите за набавка на потребните материјали за реализација на инвестицијата. Општините имаат можност да користат 20% аванс откако ќе потпишат договор со Агенцијата за финансиска поддршка.  Вкупната сума ќе им биде исплатена откако ќе го платат данокот за доддадена вредност на реализираната инвестиција и до АФПЗРР ќе достават комплетната документација за реализираниот проект“, изјави Бабовски. 
Градоначалничката на Тетово д-р Теута Арифи, истакна дека преку средствата кои се доделуваат од оваа Програма, општината планира реализација на два проекти, од кои едниот е за изградба на локален пат со кој градот подобро ќе се поврзе со шарпланинските села, додека другиот е за урбанизација и адаптација на Тетовски бањи, односно стимулирање на туризмот. Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов посочи дека со обезбедените средства, општината ќе изгради и реконструира локални патишта со кои ќе се подобрат условите за живот на повеќе од 50 семејства и ќе се овозможат подобри услови за развој на земјоделството во општината.

Проектите за кои се обезбедени средства ќе се реализираат во наредните 3 години, а во периодот кој следи, секоја од општините ќе распише процедура на јавна набавка, по која следува потпишување на договор со економски оператор, потпишување на договор со АФПЗРР, како и подигнување на 20% аванс од вкупната вредност на проектот од страна на економскиот оператор. По завршување на целиот проект заедно целокупната документација се доставува до АФПЗРР, по што Платежната Агенција го исплаќа целиот износ, по што средствата одат на сметка на економскиот оператор. Целта на оваа Програма не е да општините дополнително да бидат отоварени, туку да бидат помогнати од страна на централната власт во насока на рамномерен регионален и рурален развој на територијата на целата држава.

 

Линк до видео од свечениот настан и обраќањата на вицепремиерот Анѓушев, министерот Николовски и директорот Бабовски: 

АКТУЕЛНОСТИ: