Автопатот Миладиновци – Штип официјално пуштен во употреба: Горди сме на завршувањето на изградбата на овој импозантен капитален проект, граѓаните добија безбеден автопат со што ќе го скратат патувањето за триесетина минути

6 јули 2019


Во организација на Владата на Република Северна Македонија и Јавното претпријатие за државни патишта се одржа церемонија по повод официјалното пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Свети Никола – Штип.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев имаше свое обраќање, а се обратија и амбасадорката на НР Кина во Република Северна Македонија, Јин Лисјен, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈПДП, Зоран Китанов и претставник на компанијата изведувач „Синохидро“, во присуство на членови на Владата, претставници од Собранието, градоначалници и директори на Јавни претпријатија.

„Треба да бидеме горди бидејќи завршивме со изградба на еден импозантен капитален проект, а тоа е автопатот Миладиновци - Штип. Со тоа граѓаните добија безбеден автопат со што ќе го скратат патувањето за триесетина минути, а воедно создадовме услови за поефикасен и побрз транспорт на стоки и услуги што е важен предуслов за инвеститорите да ја мапираат нашата земја како стабилна бизнис дестинација“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на церемонијата по повод пуштање во употреба на новоизградениот автопат Миладиновци – Свети Николе - Штип. 

Тој во своето обраќање потенцираше дека ова автопатско решение е од огромно значење, посебно за источниот регион на земјата со што се овозможува побрз превоз на стоки и патници, а од друга страна заради рамномерниот регионален развој, отворање на нови фабрики и нови вработувања.  

„Ова модерно автопатско решение е лицето на новата модерна Северна Македонија која продолжува да се гради, поврзува и интегрира. Нашата цел е да ги овозможиме сите потребни услови, меѓу кои квалитетна инфраструктура и владеење на правото за домашните и странските инвеститори да почувствуваат сигурност и да се одлучат за нови инвестиции и да отвораат нови фабрики во кои ќе се вработат многу наши граѓани. Поврзувањето на нашата земја внатрешно помеѓу градовите, селата и населените места со квалитетна патна инфраструктура, и надворешно кон соседните земји останува да биде наш високо рангиран приоритет. Дозволете ми да изразам голема благодарност до НР Кина и до амбасадорката, Јин Лисјен за големата поддршка и за посветеноста при соработката на овој важен проект. Како што најави амбасадорката Лисјен кинеската страна го одобрува кредитот за продолжување на изградбата на автопатот Кичево - Охрид и од овде порачувам дека продолжуваме интензивно да работиме на комплетирање на неговата изградба.
Република Северна Македонија останува силно посветена на унапредување на економската соработка со НР Кина”, изјави Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија. 

Премиерот потенцираше дека во следниот период, преку ЈП за државни патишта ќе бидат засадени 600 илјади садници долж автопатот. 

„Овој автопат останува во посед на идните генерации. Патот ќе се плаќа од граѓаните на Северна Македонија. 10% како учество на Јавното претпријатие за државни патишта, а 90% од сите даночни плаќачи, со што ќе го враќаме кредитот којшто е поволен за вакви инфраструктурни проекти“, рече премиерот Заев.

Амбасадорката на НР Кина во Република Северна Македонија, Јин Лисјен, истакна дека успешното завршување на проектот се смета за пример на добрата соработка помеѓу Кина и Северна Македонија во насока на  остварување на инфраструктурната соработка меѓу двете земји и помеѓу Кина и другите централно-источни земји.

„Денес, го одбележуваме успешното пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип и верувам дека со заедничките напори на двете земји, ќе продолжи да се реализира и проектот за изградбата на автопатот Кичево - Охрид.  Со цел да ја помогне реализацијата на овој проект, кинеската страна одлучи да го продолжи кредитирањето и одобри кредит со ниска каматна стапка, со што ќе помогне и овој автопат да може побрзо да се користи”, изјави амбасадорката на НР Кина во РСМ, Јин Лисјен.

Во своето обраќање, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потенцираше дека Владата работи на унапредување на инфраструктурата во сите сегменти во насока на подобро поврзување, повисок животен стандард за граѓаните и за поголема конкурентност на компаниите. Тој додаде дека Република Северна Македонија и НР Кина имаат успешна економска соработка и дека потенцијалот за соработка со оваа земја е огромен. 

„Нашата соработка се движи во нагорна линија, a тоа го покажува и официјалната статистика. НР Кина е наш седми трговски партнер, во периодот јануари - мај 2019, во однос на истиот период лани, трговската размена порасна за 29,4%, а радува што извозот, иако сеуште е мал во однос на увозот, порасна за неверојатни 313,3 процентни поени. НР Кина е огромна земја, со неверојатен потенцијал за соработка и треба да работиме да ги искористиме потенцијалите за зголемување на економската соработка”, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека водејќи се од визијата за создавање на квалитетна и добро развиена патна мрежа насекаде во државата,  влеговме во еден силен инвестициски циклус, вложувајќи преку една милијарда евра во изградба и реконструкција на патната инфраструктура.

„Многу пати говорам дека граѓаните се тие кои ја градат инфраструктурата во државата. Ваквите проекти се одличен пример за тоа како ги вложуваме парите од граѓаните за граѓаните. Само во овој регион инвестираме преку 100 милиони евра за да овозможиме брза патна врска до сите делови на Истокот. Во моментов работиме на изградба на нов експресен пат од Штип до Кочани како продолжение на ова автопатско решение. Исто така во продолжение на овој автопат градиме и нов експресен пат од Штип до Радовиш. Во меѓувреме работиме и на реконструкција на постоечките регионални патни правци, а морам да потенцирам и дека се вршат подготовки за изградба на нови експресни патишта. Република Северна Македонија мора да биде препознаена како земја со квалитетна инфраструктура”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. 

Вкупната должина на автопатот Миладиновци-Штип изнесува 47 километри. Автопатот е со ширина од 21,4 метри со две возни ленти и лента за застанување и со разделен појас од 4 метри помеѓу двата коловоза. Вкупната дебелина на асфалтниот слој изнесува 19 сантиметри. Овој автопат има седум клучки, а вкупната инвестицијата е 177,3 милиони евра.
„Најголемите активности за изградба беа извршени во текот на 2018 година, во реализацијата на проектот беа вклучени повеќе од 350 градежни машини, 850 лица како инженерски и технички персонал, од кои најголемиот дел беа од нашата земја, а 55 лица од НР Кина. Што се однесува до финансиската реализација, можам со гордост да информирам дека првично вредноста на договорот изнесуваше 226,7 милиони евра, но Јавното претпријатие за државни патишта со домаќинско и правилно работење успеа да направи заштеда од 44 милиони евра, односно изградба на автопатот не чинеше 177,3 милиони што е показател за успешно завршен проект“, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов. 

Руиџун Џанг, претставникот од компанијата „Синохидро“ потенцираше дека компанијата ја користела својата напредна технологија и ресурси и во соработка со партнерите од Северна Македонија успешно го завршила овој проект, кој ќе стане симбол на партнерството меѓу Северна Македонија и НР Кина. 
 

Линк до видео со инсерти:

Линк до видео од обраќањето на ЗПВРСМ Анѓушев:

АКТУЕЛНОСТИ: