Вицепремиерот Анѓушев на Самит 100: Македонија ќе биде добар партнер и сосед на сите земји во регионот

17 октомври, 2017 година

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев  се обрати на панелот „Е-Концепт за забрзување на на растот базиран на поврзувањето“ што е дел од  „Самитот 100“, на кој учествуваат политичките и бизнис лидерите од Југоисточна Европа.

Потпретседателот Анѓушев истакна дека земјите во Југоисточна Европа во Македонија може да гледаат сигурен партнер и добар сосед. Во овој правец тој нагласи дека Владата на Република Македонија ќе прави напори да одржува одлична соработка на сите полиња со соседните земји, како и со пошироката меѓународна заедница.

Тој се осврна на поврзувањето на регионот и на е-мобилноста која беше главна тема на панелот.

„Е-мобилноста е последната лекција која Република Македонија треба да ја научи, и затоа сметам дека треба да се вратиме на основата. Нашите земји треба да бидат подобро поврзани и ние како Влада ќе работиме на изградба на подобра инфраструктура, да го завршиме нашиот дел од работата за да создадеме подобри услови за компаниите и побрз, поефикасен и побезбеден транспорт на луѓе и на стоки “, потенцираше Анѓушев.

Анѓушев истакна дека Владата работи на креирање на поволни економски политики, на градење на квалитетна инфраструктура и на одржувањето енергетска стабилност во земјата. Според Вицепремиерот поттикнувањето на граѓаните да користат електрични автомобили ќе има повеќекратни бенефити, како заштита на животната средина, помали трошоци за граѓаните и стабилност на енергетскиот систем.

„Граѓаните треба да имаат интерес за електрични возила, но треба да бидат подостапни, ако направите да бидат ослободени од царина и акциза“ подвлече Анѓушев.

Самитот 100 се одржува на 16 и 17 октомври и на него освен над 150 бизнис лидери од Југоисточна Европа, учество ќе земат и политичките лидери од пет земји во регионот и Еврокомесарот за мобилност и транспорт г-ѓа Виолета Булц.

English
АКТУЕЛНОСТИ: