Финансиска инјекција од 10 милиони евра за изградба на пречистителна станица во Скопје најавена на Самитот на Економист – Вицепремиерот Анѓушев порача дека стабилноста на регионот и сигурноста во инвестициите носат раст на економијата

01 октомври 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерката за финансии д-р Нина Ангеловска учествуваа на панелот „Градење на просперитетна иднина“, во рамките на Самитот кој се организира од светски познатиот магазин Економист.

Вицепремиерот Анѓушев, во воведното обраќање на панелот потенцира дека стремежот на секоја Влада е раст и развој на економијата, а тоа е возможно само доколку се обезбеди стабилноста на државата и владеење на правото преку кое се обезбедува сигурност во направените инвестиции.  Со веќе извесното полноправно членство во НАТО и очекуваната препорака за започнување на преговори за членство во ЕУ, се обезбедува потполна политичка стабилност на Северна Македонија, која ќе се рефлектира со дополнителни позитивни резултати во економијата и повисок животен стандард на граѓаните. 

„За да инвеститорите чувствуваат сигурност во нивните инвестиции, го донесовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што овозможивме транспарентна и еднаква поддршка на домашните и странските инвеститори. Сега веќе никој не мора да преговара со било кој од Владата за да добие финансиска поддршка, едноставно Законот тоа го овозможува за сите кои инвестираат и на тој начин компаниите имаат предвидливост и сигурност во направените инвестиции“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот посочи дека економијата бележи континуиран  раст, во вториот квартал од 2017 година, кога БДП бележеше негативна стапка од -1,8%, во изминатите две години растот на БДП е постојано со позитивни стапки, а во последните два квартали се забележани стапки на раст од 4,1% и 3,1%, стимулирани од раст на реалниот сектор.

„Креираме услови за развој на реалната економија, преку 250 компании се поддржани со мерките за стимулирање на  технолошкиот развој и иновации на компаниите, а со тоа и подигнување на нивната конкурентност и продуктивност. Како резултат на работата на реалниот сектор бележиме раст на индустриското производство, во август од 9,8% во однос на истиот период лани, додека досега во оваа година бележиме раст на индустриското производство од 5,5%. Невработеноста од 21,7%, за само две години се намали на рекордно ниски 17,5%, преку креирање на нови над 54 илјади работни места, а во исто време бележиме ефективен кумулативен раст од над 10% на просечната нето плата“, посочи Анѓушев.

Како заеднички предизвик на сите земји во регионот се детектира недостаток на квалитетна сила, како и одливот на младите стручни кадри во развиените европски земји. Заминувањето на младите е состојба со која се соочуваат сите Балкански земји. Станува збор за феномен, бидејќи е склоп од повеќе фактори: историски, политички и економски. 

„Поради ова, мора да работиме на подобрување на условите за живот во нашите земји, подобро образование, подобро платени работни места, подобри услови за живот и формирање семејство, подобар здравствен систем. Со други зборови, мора да ги унапредиме нашите економии, да може да генерираат раст кој ќе води кон живот со повисок квалитет и подобри стандарди. Република Северна Македонија, а верувам и другите земји од Западен Балкан, издвојуваме значајни средства преку мерки за вработување, за доквалификација, за самовработување и слично. Пример, во нашата земја за оваа намена се издвојува над 1 милијарда денари, околу 18 милиони евра оваа година. Но, ова е само еден дел од реформата. Ние спроведуваме реформи и во образованиот систем преку воведување на стручно образование и поврзување на образованието со приватниот сектор, односно обавување практична настава директно во компаниите и стекнување практични вештини и знаења, со што младите луѓе ќе можат полесно да најдат подобро платена работа, а ќе се задоволат и потребите на компаниите за наоѓање на квалитетен работен кадар. Економијата се гради со фабрики, машини и хали, но нема економија без луѓе“, додаде Вицепремиерот.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека очекува уште подобри резултати во економијата во третиот и четвртиот квартал  во 2019 година, како сумарен резултат  на отворање на преговорите за членство во ЕУ, веќе извесното полноправно членство во НАТО, како и поради имплементација на Владините мерки за поддршка на стопанството.

За време на панелот, претставникот на Европската инвестициска Банка, Матео Ривелини, објави дека ЕИБ донесе одлука да додели грант во висина од 10 милиони евра, за пречистителната станица во Скопје, како форма на поддршка на реформите кои се спроведуваат во Република Северна Македонија.

 

Линк до видео од обраќањето на вицепремиерот Анѓушев : 

English
АКТУЕЛНОСТИ: