Владина делегација на саем за инжинерство во Брно – Можности за зголемување на соработката во повеќе сектори, условите за инвестирање во Северна Македонија препознаени како особено поволни

07 октомври 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании Хисен Џемаили и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски ја започнаа работната посета на Брно, Република Чешка, кадешто овие денови се одржува најголемиот инжинерски саем во Централна Европа.

Пред свеченото отворање на саемот, официјалната Владина делегација оствари средба со вицепремиерот и министер за трговија и индустрија на Република Чешка, Карел Хавличек, со кого разговараа за досегашната економска соработка помеѓу двете земји, како и потенцијалите за зголемување на трговската размена, можностите за инвестирање и енергетските реформи во нашата земја.

По состанокот помеѓу двете делегации, вицепремиерот Анѓушев истакна дека постои простор за проширување на економската соработка помеѓу двете земји, особено во делот на пласирање земјоделски производи во Република Чешка, интензивирање на соработката помеѓу чешките и компаниите од Северна Македонија, како и во поглед на инвестиции од Чешка во нашата земја.

„Веќе имаме пример на чешка инвестиција, тоа е  компанијата Локотранс, којашто има најавено дека ќе гради фабрика во нашата држава за шински возила. Се обидуваме да привлечеме и други компании, не само да градат, туку и да бидат купувачи на производите од нашите индустриски капацитети. Денес и утре ќе имаме средби со бројни компании во Чешка и мислам дека ќе имаме добар развој на соработката и економската размена меѓу нашите две земји“, изјави вицепремиерот Анѓушев по средбата со Хавличек.

Чешкиот вицепремиер Хавличек изрази задоволство од одржаниот состанок и добиените информации за инвестициските можности во Северна Македонија, особено за условите за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони.

„Дефинитивно би сакале да ги дискутираме условите за инвестирање во ТИРЗ во Северна Македонија со сите претставници на чешките претприемачи, Стопанската комора и Конфедерацијата на индустрии, затоа што верувам дека многу чешки компании ќе бидат заинтересирани за производни активности во зоните“, нагласи Хавличек.

Вицепремиерот Анѓушев и Владината делегација остварија и куса средба со претседателот на Владата на Република Чешка, Н.Е. г. Анреј Бабиш, при што се заблагодарија за поддршката од Република Чешка за евро-интеграциските процеси на нашата земја и за исклучително значајната прилика да се изврши презентација на инвестициските потенцијали на Северна Македонија пред чешките компании.

По обиколка на саемот, на кој се присутни преку 1600 компании од Чешка и целиот свет, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот задолжен за унапредување на регулативата за домашни компании Хисен Џемаили посочија дека во овие два дена, за време на посетата на Брно, ќе се остварат средби со повеќе компании и ќе бидат презентирани условите за инвестирање во земјата, при што се надеваат дека некоја од компаниите ќе изрази интерес за посета на Северна Македонија.

„Ова е одлична можност да ги претставиме нашите иневстициски и економски политики, поволностите за инвестирање. Независно од тоа што привршуваат разговорите со една голема чешка компанија, со инвестиција од околу 20 милиони евра, ги отвораме вратите и за останатите чешки компании во Република Северна Македонија“, рече министерката Апостолска.  

„Чешката страна изрази интерес за зголемување на присуство на чешките компании на македонскиот пазар, со што се согласивме да ја интезивираме и зголемиме размената на искуства и почестите состаноци меѓу двете држави“, нагласи министерот Џемаили. 
 

Линк до видео со изјава на вицепремиерот Анѓушев:

Линк до видео со изјава на чешкиот вицепремиер Хавличек:

Линк до видео со изјава на министерката Апостолска:

Линк до видео со изјава на министерот Џемаили:

Линк до видео со инсерти од средбата на Владината делегација со вицепремиерот Хавличек:

АКТУЕЛНОСТИ: