Одржана седница на Националниот совет за одржлив развој - Отворен првиот повик за проектни идеи за финансирање преку Зелениот климатски фонд

30 октомври 2019


Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, претседаваше со седницата на Националниот совет за одржлив развој насловена како „Унапредување на климатската акција во Република Северна Македонија “, на која се разгледуваа можностите за засилена климатска акција, преку воспоставување на поцврста соработка со Зелениот климатски фонд (ЗКФ). На седницата учествуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, постојаниот координатор на агенциите на ООН во државата, Росана Дужак, високата претставничка од регионалната канцеларија на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) Танија Сантинавез, како и повеќе од сто други претставници на релевантни државни институции, владини агенции, локалната самоуправа, граѓанското општество, приватниот сектор, научната фела и меѓународната заедница. 

Во своето воведно обраќање на настанот, вицепремиерот за економски прашања и претседавач со Националниот совет за одржлив развој, д-р Кочо Анѓушев, истакна дека се потребни конкретни и одлучни активности во насока на справување со климатските промени, притоа е потребно заедничко дејствување на сите чинители, вклучително владините институции, локалната самоуправа, но и реалниот и граѓанскиот сектор.

„Сорабоката со Зелениот климатски фонд е од особено значење како надополнување на напорите на државата да ги достигне сценаријата според кои го има потпишано и ратификувано Парискиот договор за клима, но и достигнување на поамбициозни сценарија, како и да одговори на барањата на Европската унија. Крајната цел на нашите напори секако е изнаоѓање соодветни, иновативни решенија како одговор на климатските промени. Ние сме сигурни дека преку зголемување на инвестиции за заштита на животната средина, значително ќе придонесеме за унапредување на квалитетот на живот за граѓаните и зголемување на конкурентност на нашата економија“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Зелениот климатски фонд е нов партнер за финансирање на инвестиции на државата во “зелен” развој, односно развој со ниско ниво на емисии и отпорност кон климатските промени. Во рамките на првиот проект на земјата од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, чии резултати беа презентирани денес, ФАО ја поддржа Владата да воспостави национален механизам, институционална рамка и процедури потребни за ефикасно искористување на финансиските можности од Фондот.

На денешната седница на Националниот совет за одржив развој беа преземени првите чекори за развој на Работната програма на Северна Македонија за Зелениот климатски фонд, со објавување на отворен повик за проектни идеи кои би се финансирале преку Фондот. Сите заинтересирани засегнати страни вклучително националните и локалните власти, јавни и приватни претпријатија, граѓански организации, академските установи и други правни лица се поканети да достават идеи за проекти, со конкретни активности за прилагодување кон или ублажување на климатските промени во најмалку еден од приоритетните сектори: енергија, транспорт, водни ресурси, земјоделство, отпад, биодиверзитет, здравство, шумарство и културно наследство.

Проектните идеи можатдасеподнесат со користење на електронска апликација, во која се објаснети и чекорите и критериумите за развој на проектна идеја за ЗКФ. Новата веб-страница www.greendevelopment.mk, ќе служи како клучна комуникациска алатка за споделување на знаење и информации за активностите поврзани со Зелениот климатски фондво земјата.

„Како акредитиран субјект на ЗКФ со разновидно знаење и искуство низ целиот свет, ФАО со задоволство ја поддржа Северна Македонија во заедничко спроведување на овој подготвителен проектод ЗКФ, прв од ваков вид во земјата“, истакна Танија Сантинавез, менаџер на регионалната иницијатива на ФАО за одржливо управување со природните ресурси. „Ова ќе ги постави темелите на националните иницијативи за климатска отпорност и ублажување на климатските промени преку идни проекти финансирани од Зелениот климатски фонд“, додаде Сантинавез.

АКТУЕЛНОСТИ: