Вицепремиерот Анѓушев на средба со директорот за јужна и централна Европа во Стејт Департментот Костеланчик – Република Северна Македонија е целосно посветена на евро-атлантските интеграции

1 ноември 2019


Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев оствари средба со г. Дејвид Костеланчик, новоименуваниот директор во канцеларијата за јужна и централна Европа во Стејт Департментот, со кого разговараа за евро-атлантските интеграции на Северна Македонија, како и за економската соработка помеѓу нашата земја и САД.

Вицепремиерот Анѓушев се заблагодари за поддршката која САД ја дава во процесот на станување на полноправна членка на НАТО алијансата, како и во процесот на спроведување на реформи во насока на отворање на преговори за членство со Европската Унија. Тој го реафирмираше ставот на Владата дека земјата останува целосно посветена на евро-атлантските интеграции и дека членството во Евроазиската Унија воопшто не е опција за Северна Македонија.

„Околу 80% од вкупната трговска размена на Северна Македонија е поврзано со земји членки на ЕУ и реформите кои се спроведуваат во земјата се во насока на унапредување на сите аспекти на општествено-економското живеење и усогласување на легислативата со европската. Членството во НАТО, како најмоќен политички-воен сојуз кое е извесно дека ќе се случи на почетокот на 2020 година, дава дополнителна стабилност на земјата, сигурност на инвеститорите и очекуваме дека позитивно ќе влијае на привлекување на нови странски директни инвестиции, проширување на капацитетите на домашните компании, а со тоа и на отворање на нови работни места и повисоки плати за граѓаните. Членството во други сојузи, како што е на пример Евроазиската Унија воопшто не е опција која ја разгледуваме“, потенцира Вицепремиерот Анѓушев во разговорот со Костеланчик.

Директорот Костеланчик ја истакна одлично организираната посета на државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, и посочи дека со таа посета дополнително се зацврсти соработката помеѓу двете земји и на политичко, но и на секое друго ниво.

Костеланчик подвлече дека САД дава недвосмислена поддршка за членството на Северна Македонија во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ. Двајцата соговорници се согласија дека со членството во НАТО може да се очекува зголемен интерес од странските инвеститори во земјава. Костеланчик нагласи дека во Северна Македонија доаѓа по посетата на Црна Гора, каде статистиките покажуваат раст на странските директни инвестиции по влезот на оваа земја во Алијансата.

Соговорниците се осврнаа и на економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави и заклучија дека таа е на особено високо ниво. Вицепремиерот Анѓушев кажа САД е стратешки партнер на нашата земја и така ќе остане и во иднина.

Вицепремиерот посочи дека основа на развојот на економијата е Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој е транспарентен и еднаков за сите инвеститори, странски и домашни, со јасни критериуми, чија цел е да се привлечат реномирани странски компании, но и да се поттикне модернизација и технолошки развој на домашните компании и со тоа да се зајакне конкурентноста на домашните и меѓународните пазари. Изминатиот период се привлечени околу 30-ина странски компании, дел од нив и од САД, додека вкупно се поддржани околу 250 компании кои работат во земјата, што е рекордна бројка.

Соговорниците се осврнаа и на реформите во енергетскиот сектор, кои се случуваат по усвојувањето на новиот Закон за енергетика, кој е целосно усогласен со европските директиви и регулативи и со кој се овозможува целосна либерализација на пазарот на електрична енергија, како и зголемувањето на производството на енергија од обновливи извори. Воедно разговараа и за измените во образовниот систем, во насока на надминување на јазот помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот, како и создавање на квалитетни и добро обучени кадри за потребите на стопанството, кои исто така би биле и подобро платени.
Дејвид Костеланчик е дипломат од кариера во службата за надворешни работи на САД, а позицијата директор на кацеларијата за јужна и централна Европа во Стејт Департментот ја презема во август 2019 година.
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: