Вицепремиерот Анѓушев и Администраторот на УСАИД Грин – Американските граѓани преку УСАИД од 1993 даваат поддршка за развој на демократијата, транспарентноста и просперитетот на Северна Македонија

13 ноември 2019


Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, денес оствари средба со Администраторот на УСАИД, амбасадорот Марк Грин, со кој разговараа за досегашната поддршка од страна на УСАИД, тековните проекти кои се спроведуваат во Северна Македонија, како и за идните форми на соработка, пред се во насока на унапредување на економијата, демократијата, транспарентноста и повисок квалитет на живот на граѓаните.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека УСАИД е организацијата којашто ја даде најголема поддршка на нашата држава на патот кон демократијата и евроатлански интеграции од постоењето на државата, односно нејзината независност. Американскиот народ, преку УСАИД, даваат силна поддршка на македонските граѓани и државата да бидат на правиот пат, помогнаa да се стигне до оваа точка, на која денес се наоѓаме и во процесот на измените на нашето општество во насока на транспарентност, демократија и просперитет.

„Како и секогаш така и во овој период УСАИД го поддржува развојот на нашето општество и денеска разговаравме со господинот Грин за сите проекти коишто ги спроведуваме заеднички во моментот и тие се во сите области на нашето општество. Поаѓајќи од програми за развој на социјалното живеење, унапредување на медиумската сфера,  транспарентноста, унапредување на изборниот процес и развојот на  демократијата, па се до развојот на квалитетот на живеење на младите  луѓе во нашата држава и секако во делот на економијата која е  една од најзначајните точки што е поддржана и тоа преку повеќе програми. Моментално се спроведува Програмата за подобрување со конкурентноста, со која се влијае на подобрување на околината за правење бизнис во нашата држава. Би сакал да подвлечам дека ќе беше скоро невозможно ние да ги постигнеме резултатите за адаптирање на нашата легислатива во делот на енергетика согласно европските барања и третиот енергетски пакет на ЕУ, кои требаше да се имплементираат во нашето законодавство во делот на енергетиката, без помошта на УСАИД. Тука не застанува делот од помош и соработка помеѓу  нашата држава и УСАИД. 

Отворивме и некои нови теми за можна соработка. Го отворив прашањето за креирање на централна единица за креирање на јавни приватни партнерства, коишто цениме дека се иднината за развојот на економијата, дека не може економијата во нашата држава да се развива само врз база на државни инвестиции, туку ние јасно и недвосмислено сме како држава за патот на евроатлантски интеграции. Тој пат на евроатлантски интеграции подразбира демократија, транспарентност и приватна иницијатива која треба да биде движечка сила на развојот на општеството и  посебно на економијата и тоа да биде провлечено на долг рок и на одржлив начин што е многу важно“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Амбасадорот Грин нагласи дека УСАИД е присутна од 1993 година, во овие 26 години реализирани се низа на програми и проекти преку кои се поддржани речиси сите области, почнувајќи од земјоделството, економијата, социјалното живеење, образованието, па се до филмската индустрија.

„Ние сме посветени на континуираниот развој на Северна Македонија. И ние веруваме дека со искористување на моќта на приватното претпријатие и поттикнување на нови партнерства помеѓу приватниот сектор, владата и другите засегнати страни, можеме да работиме кон посветла, попросперитетна иднина. Северна Македонија има историска можност да обезбеди иднина цврсто вградена кон западот и евроатлантските институции, вклучително и НАТО и Европската унија. УСАИД се залага за поддршка на напредокот на Северна Македонија кон оваа цел. Програмите на УСАИД му даваат приоритет на патувањето во Северна Македонија да стане поиздржлива, просперитетна и самоуверена демократија“, потенцира УСАИД Администраторот Марк Грин.

 

Изјави за медиумите на вицепремиерот Анѓушев и УСАИД Администраторот Грин

English
АКТУЕЛНОСТИ: