Подготовките за објавување на тендер за изградба на хидро електраната Чебрен по принцип на јавно приватно партнерство се во финална фаза – Вицепремиерот Анѓушев на средба со Енергетска заедница и ИФЦ

26 ноември 2019


Денес во Владата на Република Северна Македонија, се одржа презентација на новата прелиминарна студија изработена од Меѓународната финансиска корпорација (International Finance Corporation - IFC), дел од групацијата Светска Банка, која е неопходна за објавување на тендер за изградба на ХЕЦ Чебрен.

Студијата ја презентираа претставници на консултантската куќа АФ МЕРКАДОС во соработка со Ексергија, кои беа ангажирани од страна на ИФЦ. На презентацијата присуствуваше и делегација од Секретаријатот на енергетската заедница, предводена од заменик директорот на Дирк Бушле, како и делегација од ИФЦ, предводена од менаџерот задолжен за Северна Македонија и Црна Гора, Зоран Мартиновски. 

Изградбата на хидро електраната Чебрен  е стратешки проект кој е од голема важност за енергетската стабилност во Северна Македонија и во регионот на Југоисточна Европа. Согласно предвидениот план, се очекува до крајот на 2019 година да се објави меѓународен јавен повик за изградба на ХЕЦ Чебрен. Од информациите добиени од ИФЦ,  постои голем интере од меѓународните компании за инвестирање во овој проект.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев посочи дека Владата на Република Северна Македонија е посветена на реализација на енергетските реформи, кои подразбираат и постепена транзиција од конвенционалното производство на електрична енергија од фосилни горива, кон се повисоко ниво на производство на енергија од обновливи извори.

Тој дополни дека ХЕЦ Чебрен ќе овозможи дополнителна стабилности и сигурност на електро-енергетскиот систем во Северна Македонија, со обезбедувањето на секундарна регулација и потребните балансни услуги на системот во земјата и во регионот. По многубројни неуспешни тендери, со новиот сеопфатен пристап и студиите направени за ХЕЦ Чебрен, како и вклучување на сите релевантни страни, вицепремиерот Анѓушев е убеден во успешна реализација на јавниот тендер и конечна реализација на проектот.

Со изградбата на овој енергетски капацитет, како и реализација на проектите за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од околу 200 мегавати, што е десеткратно поголемо производство од досегашното, удвојување на производството на електрична енергија од ветерни електрани, производството на електрична енергија од обновливи извори значително ќе се зголеми.

Претставниците на Секретаријатот на енергетската заедница ги оценија позитивно реформите во енергетскиот сектор во изминатиот период, а тоа се потврдува и во нивниот последен годишен извештај, кадешто Република Северна Македонија е препознаена како регионален шампион во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор.
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: