Вицепремиерот Анѓушев на меѓународниот саем RENEXPO® – Преку стратегијата за енергетика до 2040 и Законот за енергетика се овозможуваат бројни инвестиции во обновливи извори на енергија

3 декември 2019


Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, се обрати на меѓународниот саем и конференција за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, вода и заштита на животната средина RENEXPO®, во организација на REECO International, а во соработка со амбасадата на Сојузна Република Германија.

Вицепремиерот Анѓушев на свеченото отворање на манифестацијата истакна дека Владата на Република Северна Македонија е посветена на унапредување на енергетското живееење во земјата, со особен фокус на зголемувањето на производството на електрична енергија од обновливи извори. Законот за енергетика донесен во мај 2018 година и предлог Стратегијата за енергетика изработена од МАНУ и Прајсватерхаус Куперс (PwC), даваат големи можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, додаде вицепремиерот Анѓушев.

„Нашата држава не е богата со енергетски ресурси, нема гас, нема нафта, а за жал не изобилуваме ни со резерви на јаглен. Може во иднина да се отвори рудникот Живојно и тоа е се што ни е познато како резерва. Но тоа нема да овозможи континуирано производство во трите блока на РЕК Битола и може да обезбеди само лимитирано производство. Затоа мора да внимаваме како ќе ја обезбедиме електричната енергија во нашата држава. Јасно е дека немаме алтернативи и дека единствената алтернатива се обновливите извори на енергија, особено во делот на сонцето, ги имаме во изобилие. Во делот на малите хидро електрани, еден добар дел од нив е веќе изграден, точно 72 се пуштени во функција, а во градба се околу 30, но мали хидро електрани може да правиме колку што имаме реки и планини, а тука сме географски ограничени. Тука е и ХЕЦ Чебрен, како голем капацитет, за кој до крај на годината ќе се објави тендерската постапка во претквалификација“, изјави Анѓушев.

Вицепремиерот подвлече дека во подготовка се и повеќе проекти за изградба на ветерни електрани, но пради стабилноста на елетро-енергетскиот систем, вакви електрани може да се изградат до максимална инсталирана моќност од 180 мегавати.

„Што се однесува до ветерните електрани, тука сме лимитирани од стабилноста на системот, помеѓу 150-200 мегавати инсталирана моќност и токму затоа, Владата донесе одлука да се инвестира во ваков тип на електрани до 180 МВ  инсталирана моќност и тие се во еден дел распределени; 50 МВ се резервирани за ЕЛЕМ, од кои 36 МВ веќе изградени, 14 МВ  во фаза на инвестиција; 36 МВ приватна инвестиција во овчеполскиот регион, 34 МВ во Демир Капија, во приватна инвестиција и на повидок имаме проект од 30 МВ во Богданцим, а ќе останат уште околу 30 МВ за идни проекти кои може да се развиваат. Во ветерни паркови, во наредните неколку години, ќе имаме инсталирана моќност вкупно 150 МВ, наспроти постојните само 36 МВ кои се изградени во нашата држава“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој своето излагање го заврши презентирајќи ги проектите во тек и планираните проекти во врска со изградба на фотоволтаични електрани. Потенцираше дека Владата во соработка со ЕСМ веќе започна со реализација на проект за изградба на фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќносто од 120 мегавати, кои би се изградиле на местото на поранешниот рудник за јаглен Осломеј, од каде се снабдуваше и истоимената термо електрана, проект кој ќе претставува вистински пример за енергетска транзиција, единствен ваков пример во регионот. 

„Кај фотоволтаиците можностите се огромни, бидјеќи сонцето е неограничен извор на енергија, особено според нашата географска поставеност, многу подобра во спроедба со западно-европските развиени држави и тоа треба да го искористиме. Владата на најдобар начин покажа како треба да се направи тоа. Владата веќе информираше дека во план е изградба на фотоволтаици до 200 МВ инсталиран моќност. Досега имаме околу 20 МВ, што е премалку. За првите 10 МВ во Осломеј веќе се потпиша договор помеѓу ЕСМ и изведувачот за реализација на проектот. Дополнително распишани беа јавни повици за 62 МВ инсталирана моќност, од кои 35 МВ на државно земјиште и тоа во Свети Николе 25 МВ и во Македонски Брод 10 МВ, како 27 МВ за приватни инвестиции на приватно земјиште. Првиот тендер веќе заврши и сакам да споделам со вас дека заврши одлично. Тоа значи дека сите поделени парцели, тргнаа од тоа државата да даде Премиум, дојдоа до 0 и преминаа кон позитивна аукција и инвеститорите не само што ќе инвестираат без премиум, туку и платат вкупно 3 милиони евра за да добијат можност за инвестиција. Ова е најдобар приказ на енергетската транзиција, по комерцијални услови, а со тендерска транспарента постапка. Ова е примерот според кој во иднина треба да се развиваат фотоволтаиците во нашата држава, а притоа да немаат ефект врз крајната цена за корисниците. Секогаш кога зборуваме за обновливи извори, треба да зборуваме и за цената на електричната енергија. Ова што се случи со фотоволтаиците е добар пример како да се најде компромис, пазарен компромис, меѓу тие две работи. Ова треба да продолжи веднаш. Во Осломеј имаме рудник којшто е исцрпен од резерви на јаглен, но тоа земјиште е во сопственост на ЕСМ и може да се направат фотоволтаици со инсталирана моќност од 100 МВ, затоа што трафостаницата може да прими 120 МВ инсталирана снага колку што беше термоелектраната којашто со текот на времето ќе стане споменик на електричната енергија, зашто немаме резерви на јаглен. Ова е пример за енергетската транзиција каде од рудник за јаглен ќе добиеме фотоволтаиици од 100 МВ. Тука ќе објавиме јавна тендерска постапка за ЈПП кое ќе биде во неколку сегменти: ЕСМ ќе биде јавниот партнер, ќе го даде земјиштето, трафостаницата и балансирањето на тие 100 МВ бидејќи ЕСМ има капацитети да го направи тоа, а тендерот ќе го добие учесникот што ќе даде најголем процент од приходот од идната инвестиција. Инвестицијата треба да биде направена од приватниот инвеститор. Така, ЕСМ без никаква сопствена инвестиција, само со хидропотенцијалот, ќе добие дополнителен приход од еден објект кој денес прави не помалку од 15-16 мил ЕУР загуба на годишно ниво, бидејќи има електрана и вработени, а  нема јаглен. Ова ќе биде првата енергетска транзиција во целиот регион и мислам дека ќе биде позитивен пример“, заврши вицепремиерот Анѓушев.

Меѓународниот сам и конференција RENEXPO, се одржува за првпат во Северна Македонија.

 

Линк до видео од обраќањето на вицепремиерот за економски прашања на свеченото отворање на меѓународниот саем и конференција RENEXPO: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: